Формиран акцелератор за конкурентност и иновации на Западен Балкан

Претседателката на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу информираше дека започнува со работа акцелераторот за конкурентност и иновации на Западен Балкан, кој ќе функцира како збир од идеи, алатки и инструменти по прашањето за иновативноста и конкурентноста, јави известувач на МИА од Тирана.

Ова е прва ваква иницијатива на Светскиот економски форум за земјите од Западен Балкан, што има за цел да се развие конкурентноста на регионот преку воспоставување акцелелатор, платформа, за соработка со јавниот и приватниот сектор за да се помогне на домашните комапнии да се прошират на глобалниот пазар.

Брегу со останатите учесници на Самитот на раководители на акцелераторот за иновации и конкурентност, размени идеи за идните активности на акцелераторот, во чиј фокус ќе бидат истражувањата, размената на искуства, како и соработката меѓу земјите.

“На Западен Балкан само околу 0,4 проценти од БДП се вложуваат во иновации. Во останатите земји таа стапка е многу повисока. Ако сакаме да бидеме поуспешни и до вложуваме во нови технологии, мораме да го зголемиме тој процент, односно 1,5 % од БДП да се вложува во економски раст и развој на иновации”, посочи Брегу.

На Самитот учествуваа министерката за финансии Нина Ангеловска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски кои предложија основање регионален фонд што ќе работи по примерот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), чие седиште би било во Скопје.

Министерката Ангеловска посочи дека Иницијативата има идентификувано четири приоритети.
“Тоа се трансформативното претприемништво, кое е навистина многу важно за развој на регионот, вториот приоритет е трпеливо инвестирање, односно да не се чекаат брзи резултати, туку оти дека треба да се инвестира и во истражувањето, во развој со цел понатаму да се комерцијализираат идеите и да се има солиден план за развој. Друг приоритет е освојување на нови пазари и последното е предвидување или соработка на приватниот сектор со академиите, со цел да се основаат нови иницијативи кои ќе бидат креирани и од академијата и од приватниот сектор”, појасни министерката за финансии.

 

Ангеловска, како дел од лидерската група на акцелераторот, посочи дека ќе работи на Аакцискиот план што треба да биде подготвен до септември, за, како што рече, понатаму да се продолжи со следните чекори, односно реализацијата.

“Оваа иницијатива е навистина многу важна за целиот наш регион, за да се развива и да може полесно да соработува”, смета Ангеловска.

Деспотовски ја истакна успешноста на ФИТР, нагласувајќи дека дале предлог седиштетот на регионалниот Фонд да биде во Скопје.

“Ние имаме инвестициско портфолио од околу 65 милиони евра. Над 340 компании веќе користат средства за иновации и технолошки развој. Сите овие бројки и резултати се препознаени и од меѓународните партнери. Целта е моделот што веќе функционира во Северна Македонија, кој, исто така постои и во Србија, да се подигне на едно повисоко ниво, да се овозможи не само фрагментирани пазари од по неколку милиони луѓе, туку да се искористи целиот потенцијал на регионалниот пазар од 17 милиони луѓе”, наведе Деспотовски.