Индустријата за производство на автомобилски делови претставува еден од најзначајните сегменти за македонската економија — со силно учество во вкупниот извоз, вработеноста и технолошкиот напредок. Станува збор за компании во странска сопственост, целосно ориентирани кон извоз и длабоко интегрирани во синџирите на снабдување на европската, особено германската автомобилска индустрија.

Но, европскиот автомобилски сектор веќе подолг период се соочува со криза. Намалената продажба, забавената електрификација и засилената конкуренција — особено од Кина — ја принудуваат индустријата на преструктурирање. Дополнителен удар е новиот договор меѓу ЕУ и САД, кој предвидува царини од 15 % за европскиот извоз на американскиот пазар, што сериозно ќе ја намали продажбата и профитабилноста.

Овие предизвици веќе се чувствуваат и кај македонските производители на автомобилски делови преку намален обем на работа, отпуштања и намалена профитабилност.

Најголемите 20 автомобилски компанини создаваат 48,5% од вкупиот извоз на државата

Во 2024 година, 20-те најголеми компании од автомобилската индустрија оствариле приходи од 3,77 милијарди евра — пад од 10,2 % во однос на 2023. Тие учествуваат со 48,5 % во вкупниот извоз на државата или создаваат околу една третина од Бруто домашниот производ на земјата.

Тринаесет од најголемите 20 компании во индустријата лани имале раст на приходите, додека седум компании имале пад на приходите во однос на претходната 2023 година. Двете најголеми компании во индустријата Џонсон Мети и Кромберг Шуберт Битола имале намалени приходи.

Најголема и најпрофитабилна компанија во индустријата е производителот на катализатори, британската Џонсон Мети која лани работела со вкупни приходи од 1,9 милијарди евра, кои бележат пад од 19,6% во однос на 2023 година. Вкупниот профит на Џонсон Мети лани се намалил за 16,6%, на 63,9 милиони евра.

Втор најголем играч е германскиот производителот на кабли и кабелски сетови Кромберг и Шуберт од Битола, кој 2024 година ја завршил со приходи од 291 милион евра, пад од 17,4%. Профитот на компанијата се намалил за 7,5%, на 5,4 милиони евра. Истовремено, ова е компанија која имала најголемо намалување на бројот на вработени, односно 1.149 помалку вработени во споредба со 2023 година.

Втората фабрика на Кромберг и Шуберт која се отвори во Скопје е компанија со најголем раст на приходите, од 4,5 милиони евра во 2023 година на 114 милиони евра во 2024 година.

Голем раст на приходите лани од 59,9% лани имала и Магна Мирорс. Канадската компанија која има фабрика во зоната во Струга, каде се вработени 1.067 лица,  лани работела со приходи од 150 милиони евра, со што стана четврти најголем играч во оваа индустрија.     

Костал Македонија продолжува со раст на приходите и профитабилноста. Лани компанијата работела со вкупни приходи 147 милиони евра (+13,2%), со што е петти најголем играч во индустријата.          

Голем раст на приходите од 47,5% имала и компанијата Арц Аутомотиве, која лани работела со вкупни приходи од близу 42 милиони евра.

Кои се најпрофитабилни компании?

Кога станува збор за профитабилноста, податоците покажуваат дека седумнаесет компании работелe со вкупна добивка од 91 милион евра, додека три компании работеле со загуба 40 милиони евра. Осум компании лани имале намалена профитабилност, а 12 работеле со раст на профитот.

Најпрофитабилни компании во 2024 година во индустријата за авто делови во Македонија се Џонсон Мети со профит од близу 64 милиони евра (-16,6%), Магна Мирорс со профит од 14,2 милиони евра (+3,2%), Таб Мак со профит од 7,7 милиони евра (+3,4%), Амфенол Технолоџи со профит од 6,7 милиони евра (+20,5%), Гентерм со профит од 5,1 милион евра (+112%).
Големо влошување на финансискиот резултат лани имале ВДЛ Ван Хоол, која лани работела со загуба од близу 30 милиони евра, додека претходната 2023 година имала профит од 8,7 милиони евра, исто како и Линамар која лани работела со загуба ос 6,7 милиони евра, додека претходната 2023 година остварила профит од 2 милиони евра.

Најголем раст на профитот лани имале и Аптив сервисес, Џојсон Сејфти Системс и Маркарт Македонија.

Кои компании се најголеми работодавачи?

Во најголемите 20 компании од автомобилската индустрија лани работеле 34.043 вработени.

Најголем работодавач минатата година е ДММ Дрекслмајер од Кавадарци со 5.896 вработени. Втора е Кромберг и Шуберт Битола со 5.709 вработени, која лани го намалила бројот на вработени за 1.149. Следат Амфенол Технолоџи со 3.053 вработени, Кромберг и Шуберт Скопје со 2.773 вработени, Гентерм со 2.719 вработени, Леар Корпорејшн со 2.021 вработени и ВДЛ Ван Хоол со 1453 вработени.