Трговијата помеѓу Македонија и Србија во изминатата 2022 година надмина 1,1 милијарди евра, што е највисока вредност во последните 17 години, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика.
Србија е традиционален пазар со кој имаме добра соработка, поради географската положба и добрата патна инфраструктура. Србија е четврт најголем трговски партнер на Македонија, зад Германија, Велика Британија и Грција. Кога станува збор за извозот, Србија е трет најголем извозен пазар за македонските комапнии веднаш зад Германија и Бугарија.
Трговската размена меѓу двете земји лани бележи раст на вредноста од 19,8%. Македонија има трговски дефицит во трговијата со Србија, односно повеќе увезува отколку што извезува. Иако извозот континуирано растел во изминативе години, увозот од Србија е речиси двојно поголем од македонскиот извоз на соседниот пазар.
Вредноста на извозот на македонски производи во Србија во текот на изминатата 2022 година достигна 385,6 милиони евра, што е раст од 32% во споредба со претходната 2021 година. Македонскиот извоз во Србија е највисок од 2009 година, но се уште е далеку под извозот од 2008 година кога имаше рекорден извоз на производи во вредност од 631 милион евра.
Податоците за количинскиот извоз, покажуваат дека половина од растот на извозот во Србија се должи на инфлацијата и растот на цените со оглед дека лани на српскиот пазар биле извезени околу 408 илјади тони македонски производи, што е за 16% повеќе во споредба со извезените количини во 2021 година. Количинскиот извоз на производи од Македонија во Србија лани е најголем од 2009 година, но сепак тоа се далеку помали количини од оние кои се извезувале пред 2008 година и надминувале 1 милион тони.
Од Србија во Македонија, пак, минатата година биле увезени производи во вредност од 755 милиони евра, што е зголемување од 14,4% во споредба со 2021 година. За споредба со 2008 година, увозот на производи од Србија изнесувал 362 милиони евра
Што најмногу се извезувало од Македонија во 2022 година?
Истражувањето што го направи Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во 2021 година покажа дека околу 20% од потрошувачите во Србија купуваат македонски производи. Најчесто тоа се вино, ајвар и свежо овошје и зеленчук.
Ако се анализираат податоците од Државниот завод за статистика за извозот на македонски производи во Србија во изминатата година најголем извоз од 58,7 милиони евра е остварен со продажба на железо и челик.
Втора ставка во извозот е електричната енергија од која е остварен прилив во вредност од 49,6 милиони евра. Традиционално Србија е добар извозен пазар и за производите на најголемата домашна фармацевтска компанија Алкалоид, која истовремено е и инвеститор во Србија. Извозот на фармацевтски производи лани изнесувал близу 30 милиони евра.
Србија е важен извозен пазар и за македонското вино, чиј извоз лани изнесувал околу 20 милиони евра.
Исто така на српскиот пазар традиционално се извезуваат и македонските преработки од зеленчук и овошје, како ајварот и другите деликатеси, потоа свежо овошје и зеленчук.
Што најмногу се увезува од Србија?
На страната на увозот од Србија, најголема ставка од 115 милиони евра е за увоз на електрина енергија. Околу 70 милиони евра изнесувал годишниот увоз на изолирана жица, а 53 милиони евра увозот на железо и челик.
Следна најголема ставка е увозот на жито во вредност од 42 милиони евра, а околу 31 милион изнесувал увозот на масла и масти за јадење.
Постои потенцијал за зголемување на трговијата и економската соработка
Според бизнис заедницата постои голем потенцијал за зголемување на економската соработка меѓу двете земји.
Во таа насока се очекува дека ќе придонесат и билатералните договори потпишани во 2019 година за олеснување на трговијата и отстранувањето на бариерите со кои се соочуваат стопанствениците во секојдневното работење, како што е на пример билатералниот договор за меѓусебно прифаќање на документите издадени од страна на акредитирани лаборатории за индустриски непрехрамбени производи.
На иницијатива на деловните заедници на двете држави, Стопанската комора на Србија и Стопанската комора на Македонија, со подршка на двете Влади во август 2019 година, беше реализирана иницијатива за воспоставување заедничка контрола на граничниот премин Прешево- Табановце, која има има за цел да го намали чекањето на границите.
Традиционалните сектори во кои економските врски се добри, но исто така можат да бидат и поинтензивни, се земјоделско-прехранбената, металната и електричната индустрија, како и фармацијата.
Постои голем потенцијал за зајакнување на соработката меѓу бизнис секторот, особено во областа на иновациите, новите технологии, подобрувањето на услугите и производите за полесен пристап до трети пазари.