Трговскиот договор помеѓу САД и Кина ќе го намали германскиот извоз

Неодамна договорената привремена спогодба меѓу САД и Кина за стопирање на трговската војна ќе ја погоди тешко Германија, сметаат од Институтот IfW.
„Како резултат на пренасочувањето на трговијата, германскиот извоз во Кина веројатно ќе падне за речиси 4,5 милијарди долари, особено во индустрии како автомобилска, авионската и индустријата за машини“, се вели во соопштение на институтот.
Тие додаваат дека бразилските одгледувачи на соја ќе забележат посилен удар и дека извозот во Кина ќе им се намали за пет милијарди американски долари како резултат на трговскиот договор меѓу САД и Кина.
Како дел од договорот, Кина вети дека ќе увезува стока во вредност од 200 милијарди долари од САД,а тоа веројатно ќе значи помала побарувачка за производите од други земји, истакна претседателот на IfW Габриел Фелбермајр.

“Од друга страна, договорот им штети на другите кинески трговски партнери, чиј увоз сега се заменува со американски производи и во голема мерка го губи уделот на пазарот во Кина”, додаде тој.
IfW очекува германското производство да биде најтешко погодено и проценките се дека ќе извезе 4,3 милијарди американски долари помалку стоки во Кина во 2021 година.