Владата на вчерашната 47. седница ја усвои Информацијата за реалоцирање на средства од Проектот за поврзување на локални патишта финансиран од Светска банка, во износ од 50 милиони евра, во насока на кофинансирање на владината мерка за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза за исплата на платите на работниците за месеците април и мај 2020 година.
Како што соопшти владината прес-служба, на предлог на Развојна банка, Владата денеска ја разгледа и усвои третата информација до Владата на Северна Македонија за обработени компании кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити. На вкупно 377 компании со 2.735 вработени, им се одобри користење на бескаматни кредити во вкупен износ од 2.533.892 евра.
Во трите групи заедно, се одобрени вкупно 631 кредитни апликации во вкупен износ од 4,7 милиони евра, за компании со 5.588 вработени.
По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 76 отсто, малите компании до 50 вработени учествуваат со 22 отсто, а средните компании до 250 учествуваат со еден отсто.
Од вкупно одобрените 4,7 милиони евра, 2,1 милион евра се одобрени на компании во транспортната дејност, 2,4 милиони евра се одобрени на компании од угостителството, додека останатите се одобрени на компании во туризмот (туристички агенции и туроператори).
На денешната седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за исплата на парични права од социјална заштита за април 2020 година. Задолжено е Министерството за труд и социјална политика да ги достави податоците за корисниците на парични права од социјална заштита до деловните банки најдоцна до 30 април 2020 година.
Владата донесе заклучок да им се препорача на деловните банки да обезбедат достапност на средствата од априлските исплати на паричните права од социјална заштита преку банкомати и во трговските мрежи од четврти мај 2020 година.
На владината седница е донесена и Уредба со законска сила за примена на Законот за угостителската дејност за време на вонредна состојба со која се регулира времето на продолжување на важноста на лиценцата за вршење на угостителска дејност во ноќен бар, кабаре, дискоклуб и дискоклуб на отворен простор за период од шест месеци.