Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека Владата ќе воведе еколошка такса за литар дизел и за бензините од 3,5 денари од 1 јули. Станува збор за нова давачка со која практично ќе се зголеми цената на горивата за граѓаните и за бизнисите.
Новата давачка премиерот Заев ја оправдува со планираните вложувања на Владата во екологијата и обновливите извори на енергија.

Како дел од програмата за екологија на Владата, Заев најави и намалување на ДДВ за електричната енергија од 18% на 5%.

И со воведувањето на оваа еколошка такса, како што изјави, остануваме меѓу земјите со најниски цени за нафтата и бензините.

– Еколошката такса од 3,5 денари на нафтата е со порака да се откажеме од нафтата и нафтените деривати и помало нивно користење за да преминеме на користење на зелена енергија, односно да се движиме почесто со велосипед, тротинет и електрични возила затоа што тоа го прави цел свет. Преку една ваква еколошка такса, средствата ги лоцираме директно во фондовите за инвестиции на обновливи извори на енергија, но истовремено и за амортизација при либерализацијата на пазарот на струјата затоа што сакаме да ја подготвите С. Македонија и граѓаните за меко спуштање при целото пазарно пласирање на цената на струјата со конечна цел да нема покачување на цената на струјата оваа година, истакна Заев.

Од дополнителната такса ќе се соберат во буџетот 3,3 милијарди денари или  54 милиони евра за една година.

Во меѓувреме најави дека Владата планира да го намали ДДВ од 18 на пет проценти на сметките на електричната енергија за граѓаните да не го почувствуваат поскапувањето на струјата. Намалувањето на ДДВ-то на струјата се планира од 1 јули и според премиерот тоа ќе важи до 1 јули 2022 година кога ДДВ-то ќе биде 10 % до 1 јули 2023 година и кога повторно ќе се врати на 18 %.

– Токму преку ваквите механизми овозможуваме социјална стабилност на граѓаните. Ќе ги развиеме сите социјални програми за во 2022, 2023 и 2024 година најсиромашните граѓани да бидат подготвени полесно да ги пребродат сите енергетски промени што ќе дојдат со транзицијата од јагленовите термоелектрани во зелените енергии како што се фотоволтациите и ветерниците, појасни Заев.

Премиерот нагласи дека земјава е влезена во сериозен процес на преминување на јагленовите термоелектрани во фотонапонски и гасни електрани.