Кои се 10-те најголеми извозни пазари во првата половина годинава?

Во првите шест месеци годинава извозот од Македонија достигна вредност од 3.4 милијарди евра, што е за 39,1% или за 958 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Ако се анализира трговијата со 20-те најголеми трговски партнери, на 18 пазари има раст на извозот, а само на 2 (Холандија и Кина) имало пад на извозот во првите шест месеци годинава.
Ако се анализира по земји и региони, на најголемиот пазар за македонската економија Европската унија (ЕУ), во периодот од јануари до јуни годинава биле извезени стоки вредни 2,7 милијарди евра, што е за 844 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани, или годишен раст од 45,2% во споредба со истиот период лани. Податоците покажуваат дека 80% од вкупниот извоз на земјата во овој период бил насочен кон земјите членки на ЕУ.
Во земјите од Западен Балкан во првите шест месеци годинава биле извезени стоки вредни 355,7 милиони евра, годишен раст од 23,7% или за 68,2 милиони евра повеќе во споредба со истиот период минатата година. Во петте земји од Западен Балкан во првата половина годинава бил насочен 10,4% од вкупниот извоз од земјата.
Гледано по земји, во Германија, нашиот најголем трговски партнер, во првите шест месеци годинава биле извезени производи вредни 1,68 милијарди евра, што е 50% од вкупниот извоз од земјава. Концентрацијата и зависноста на извозот на земјата од Германија се зголемила во споредба со минатата 2020 година кога 47% од вкупниот извоз бил насочен кон Германија. Станува збор за извоз кој во најголем дел отпаѓа на извозот на автомобилски делови кои се произведуваат во компаниите во зоните, а кои се наменети за германската автомобилска индустрија.
Податоците покажуваат дека извозот во Германија во првите шест месеци бележи раст од 59,4% во споредба со истиот период 2020 година, или е поголем за 629 милион евра. Лани, на почетокот на пандемијата, токму извозот во Германија имаше најголем пад заради затворањата во германската индустрија предзивикани од коронакризата.
Втор најголем извоз во првата половина годинава имало во Бугарија, во вредност од 148 милиони евра и тој е зголемен за 16,5% во споредба со истиот период лани.
Во Косово во првите шест месеци биле извезени производи во вредност од 131 милион евра, што е годишен раст од 22,2%.
Четврт по големина извозен пазар за македонските компании во првата половина годинава била Србија, со продажби во вредност од 120 милиони евра, за 23% повеќе во споредба со истиот период лани.
Следи Унгарија со извоз од 111 милиони евра во првите шест месеци, каде има најголем раст на извозот од дури 60,1% во споредба со првата половина од 2020 година.
Во Велика Британија извозот во првите шест месеци годинава се зголемил за 33,20%, надминувајќи 100 милиони евра.
Извозот во Италија бележи раст од 58,5%, достигнувајќи вредност од 98,6 милиони евра.
Извозот во Грција има најмал раст од 3,5%, со што извозот во периодот од јануари до јуни достигна вредност од 94,2 милиони евра.
Следат Шпанија и Турција каде извозот во прввата половина годинава има раст од 57,3%, односно 57,7%.
Во овие 10 земји во првата половина година е реализиран извоз од вкупно 2,6 милијарди евра, што е 76,6% од вкупниот извоз од земјата во овој период.

Извозот во првите шест месеци вредносно е поголем, но количински се уште е помал од нивото пред пандемијата