Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) на 19. редовно годишно Собрание избра ново раководство. За претседател е назначен Илија Господинов од компанијата „Ендава“, а  претседател на Управниот одбор е Јордан Димитровски од „Аитоникс“.

Мандатот на новото раководство е за периодот 2025 – 2028 година.

Членови на Управниот одбор на МАСИТ покрај Димитровски се Благој Христов од Македонски Телеком, Драган Чепујноски од А1 Македонија, Дамјан Манчевски од МАК-Систем, Софче Јовановска од Скеил фокус, Весна Иваноска од Киншифт Академи, Костандина Пареска Медарски од Валтек, Филип Петровски од Дата мастерс и Зоран Лазаревски од Ултра.

За членови на Надзорниот одбор се избрани Горан Митев од Едусофт, Миле Стоиловски од Брансис и Маријана Андриќ од Маранд., додека во Судот на честа влегоа Дашмир Истрефи од Хојотек, Сашо Јовановски од Даталаб и Јана Дамевска од Инфиго.

-Веруваме дека изборот на Димитровски носи нова енергија, фокус на конкретни резултати и посветеност на јакнењето на улогата на ИКТ секторот во националниот развој. Во согласност со последните статутарни измени на МАСИТ, функцијата претседател на Управниот одбор вклучува и улога на официјален претставник на Комората пред институциите, партнерите и јавноста, што ја позиционира оваа функција како клучна во понатамошното водење и застапување на МАСИТ. Очекуваме период исполнет со засилена соработка меѓу членовите, проактивна улога на Комората во креирање на политики и конкретни чекори во насока на дигитална трансформација и интернационализација на македонските ИКТ компании, наведува МАСИТ.