“Вчерашниот ден беше еден од најтешките денови кои сме ги доживеале. Најважно за сите нас е дека немаше човечки жртви – сите наши вработени се безбедно евакуирани како и дека нема жртви кај противпожарните служби кои храбро го гаснеа пожарот во текот на целата ноќ. За жал, во текот на интервенцијата 12 лица беа хоспитализирани – 3 пожарникари и 9 наши вработени. Од нив, 8 вдишале чад, а 4 се со полесни изгореници. Денеска тим од Макпрогрес ги посети хоспитализираните во болниците во Кочани и Скопје и им посака брзо закрепнување”, велат Глигор и Александар Цветанов, основачи и сопственици на кондиторската компанија Макпрогрес во писменото обраќање до јавноста по вчерашниот голем пожар во кој беше зафатена фабриката.
Од Макпрогрес информираат дека во вчерашниот пожар во целост изгорел еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии за производство на наполитанки, вафел барови и тортички, заедно со два магацини од кои еден за суровини и еден за готови производи во главната кондиторска фабрика Винчини во Виница.
На сите сили кои учествуваа во справувањето и гасењето на пожарот им упатуваат огромна благодарност за нивната храброст и пожртвуваност.

Пожарот и после 27 часа од избувнувањето е сè уште активен на две места со помал интензитет и според надлежните служби нема ризик за дополнително проширување.
“Благодарност до сите институции, пожарникари од повеќе градови, доброволни пожарникари, медицински екипи, полиција, Црвен крст, Стопанската комора, бизнис заедницата, локалните власти, доброволците, граѓаните и сите кои на било кој начин дадоа свој придонес и помош. Во следните денови ќе упатиме посебни благодарности до сите кои учествуваа во интервенцијата”, велат од компанијата.
Надлежните институции веќе работат на проценки за причините и последиците од пожарот. Причината за пожарот се истражува и од Макпрогрес апелираат да се почекаат официјалните известувања од надлежните органи.
“Макпрогрес останува посветен на своите вработени, партнери и заедницата. Фабриката Винчини ќе ја обновиме, имаме кадар и знаење за тоа. И тоа, пак, во Виница. Но, потребно ни е време за тоа, време во кое ќе мораме да направиме план за консолидација на производните линии кои останаа во функција, а со крајна цел сите вработени кои физички ги изгубија своите работни позиции да ги прераспоредиме на други производни линии и да успееме да ги задржиме сите вработени на работа”.
Од Макпрогрес велат дека на сите нивни производи, продажните цени ќе ги задржиме ниски и достапни за потрошувачите како и досега, а дополнително некои цени и ќе ги намалат, како би поттикнале поголема продажба.
“Заедно со Стопанската комора и сите ланци на маркети ќе направиме напори и ќе дадеме сè од себе да успееме, вработените да ги работно ангажираме со цел да ги задржиме работните места. На сите клиенти и потрошувачи им благодариме однапред за сета поддршка и солидарност”, велат првите луѓе на компанијата потенцирајќи дека се неизмерно благодарни за почитта и поддршката.
“Солидарноста која ја видовме вчера и денес уште еднаш потврди дека Македонија знае да застане заедно кога е најтешко”.
“Макпрогрес” е една вистинска македонска победничка бизнис приказна. Повеќе години наназад, Макпрогрес е најголем извозник од прехранбената индустрија. Но, тежината на овој податок е многу поголема ако се знае дека станува збор за семејна компанија. “Макпрогрес” е основана на почетокот на 90-те години од страна на Александар Цветанов, на почетокот како трговска фиирма, за да после 30 години инвестииции во развој, прерасне во една од најголемите прехранбени компании во земјава и регионот и најголем извозник на храна од Македонија, извезувајќи на над 50 пазари низ целиот свет.