Здружението „Макфреш“ во Мадрид: новата генерација македонски производители здружено пред светските купувачи

Eдинаесет компании производители на свежо овошје и зеленчук обединети преку Здружението “Макфреш” учествуваат на престижниот меѓународен саем Fruit Attraction 2026, кој се одржува од 6 до 8 октомври во Мадрид, Шпанија.

Учеството македонски компании на саемот беше организирано преку Здружението за свежо овошје и зеленчук МАКФРЕШ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Својата понуда и извозни потенцијали на годинешното издание на Fruit Attraction 2026, ја претставуваат компаниите „Баџо“, „Хортена“, „Агро Гурмеш“, „Стенлеј“, „Агро Калем“, „Агро Кав-Комерц“, „Туран“, „Органико“, „Фреш Лајн“, „Еко Фреш Продукт“ и „Витториа Фруит“, здружени преку здружението Макфреш на заеднички национален македонски штанд.

Настапот накомпаниите членки на Макфреш на овој саем елогично продолжение на процесот на јакнење на секторот, во кој со поддршка на Програмата ИМЕ Increasing Market Employability – IME беа поставени темелите за развој и институционално зајакнување на MAКФРЕШ, заеднички настап на странски пазари, поврзување со меѓународни купувачи преку саеми и Б2Б средби, унапредување на стандардите за квалитет и безбедност, воведување модел за заедничка набавка на амбалажа и одржливо пакување, како и развој на дигитални решенија за контрола на квалитетот и целосна следливост на производите, со што компаниите денес настапуваат покоординирано и поконкурентно на меѓународните пазари.



Зад заедничкиот македонски настап стои и една интересна приказна за смена на генерациите, продолжување на семејните бизниси и градење доверба меѓу компаниите. „Макфреш“ е релативно ново здружение кое обединува дел од најголемите домашни производители и извозници на свежо овошје и зеленчук.

Како економски партнер на Министерството и корисник на поддршката, Здружението ја поврзува домашната понуда со можностите што ги отвораат меѓународните пазари.
Нивното присуство во Мадрид е можност за нови деловни контакти, зајакнување на постојните партнерства и отворање дополнителни можности за извоз.

„Макфреш“ е основано од втората генерација производители. Поголемиот дел од компаниите членки денес ги водат млади и образовани луѓе, кои ги продолжиле и ги унапредиле бизнисите создадени од нивните родители. Искуството стекнато низ годините го надградуваат со нови знаења, современи пристапи во работењето и амбиција македонските производи да стигнат до повеќе купувачи. Нивната приказна покажува дека земјоделството може да биде простор за професионален развој, претприемништво и долгорочна иднина за младите.

Особено значајно е што оваа генерација ја препознала вредноста на здружувањето. Компании што во одделни сегменти се конкуренти успеале да изградат однос на соработници со заедничка цел: посилна позиција на меѓународниот пазар. Здружениот настап овозможува поголема преговарачка моќ, поширока понуда, поизедначен квалитет и поконкурентни производи. Секоја компанија го задржува својот идентитет, а заедно можат поубедливо да одговорат на барањата на големите купувачи за количини, квалитет и континуитет во снабдувањето.

Fruit Attraction, во организација на IFEMA MADRID и FEPEX, е еден од водечките светски саеми за трговија со овошје и зеленчук. Неговото 18. издание годинава обединува околу 2.500 компании изложувачи од 78 земји, а се очекуваат 121.000 професионални посетители од повеќе од 150 земји. На едно место се среќаваат производители, извозници, увозници, дистрибутери и претставници на големи трговски синџири, што го прави саемот важна деловна средина за воспоставување соработка.

За членките на „Макфреш“, директниот контакт со купувачите е можност да ја претстават својата понуда и да дознаат што бара пазарот: кои производи се најбарани, какви стандарди се очекуваат и како треба да се организираат пакувањето и испораката. Ваквите средби помагаат производството и пласманот да се планираат подобро, а деловните врски да се градат на долгорочна основа.

Саемот го посетија и претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и директорот на ЈП „АГРО БЕРЗА“, г. Мевљудин Авдија. Поддршка на македонските изложувачи со своето присуство даде и амбасадорот на Република Северна Македонија во Кралството Шпанија, г. Едмонд Адеми. Нивното присуство ја истакнува важноста на институционалната поддршка и економската дипломатија во отворањето можности за домашните компании.

Промоцијата на меѓународните саеми ја прави македонската понуда повидлива и создава услови за посигурен пласман, поголем извоз и подобри приходи за компаниите и земјоделците со кои соработуваат. Преку поддршката за ваквите настапи, Владата и Министерството вложуваат во поврзувањето на домашното производство со меѓународната побарувачка.

Порталот ИзвозМК неодамна пишуваше за здруженито „Макфреш“ и поширока порака која македонските производители на овошје и зеленчук ја праќаат, а тоа е дека иднината на македонското земјоделство ја градат и луѓето што го преземаат семејното искуство, го унапредуваат со знаење и избираат да соработуваат, а преку заеднички настап да ги освојуваат светските пазари.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

https://izvoz.mk/makfresh-ja-gradi-novata-prikazna-za-makedonskoto-ovoshje-i-zelenchuk-zaedno-do-novi-pazari-i-pogolem-izvoz/

Иван Шуклев: Интерес за македонското овошје и зеленчук постои, но потребен е поинаков пристап за да го произведеме она што европските пазари го бараат

Fruit Attraction 2025: Македонските производители на овошје и зеленчук со здружен настап на глобалниот пазар