На крајот од 2024 година, вкупниот долг на корпоративниот сектор во Северна Македонија достигна 671.248 милиони денари (10,9 милијарди евра), што претставува годишен раст од 13,1% во споредба со 2023 година, покажува најновиот Извештај за финансиската стабилност кој го објавува Народната банка.

Стапката на задолженост, мерена како учество на долгот во БДП, се зголеми на 70,7%, што е раст од 4,6 процентни поени во однос на претходната година. Иако ја надминува десетгодишната просечна вредност, таа и натаму останува под прагот на ранливост утврден од Европската комисија (85%) во рамките на MIP Scoreboard – механизам за следење на макроекономски нерамнотежи.

Носител на годишниот раст на вкупниот долг на корпоративниот сектор е надворешниот долг, којшто расте речиси двојно побрзо од минатата година и услови околу 60% од годишниот раст на вкупниот долг.  Со тоа, учеството на надворешниот долг во БДП се зголеми и изнесуваше 41,5% (39% од БДП во претходната година). Но, исто така лани имало и позначително забрзување на растот во на домашниот долг , главно поради силната кредитна поддршка на банките како главен домашен кредитор на корпоративниот сектор.

Во рамките на надворешниот долг, носител на растот лани биле трговските кредити, како краткорочен инструмент за одложено бескаматно финансирање на надворешно-трговската размена, коишто во 2024 година се зголемија за 15,9%.

Краткорочните трговски кредити на крајот од 2024 година претставуваат 21,6% од вкупниот долг на корпоративниот сектор и 36,8% од долгот кон нерезидентите.

Домашниот долг на корпоративниот сектор изнесува 277.174 милиони денари (4,5 милијарди евра) на крајот на 2024 година, наспроти 243.485 милиони денари колку што изнесуваше на крајот на 2023 година, што претставува раст од 13,8%. Колку за споредба растот на домашниот долг накорпоративниот сектор имаше раст од 4,9% во 2023 година).

Долгот на корпоративниот сектор кон банките достигна историски највисок раст од 13,1% на крајот на 2024 година.

Во 2024 година, се бележи забрзан раст на задолженоста на корпоративниот сектор кај домашниот банкарски сектор. Учество во БДП умерено се зголеми и достигна 27,5%, наспроти 25,7% од БДП во претходната 2023 година. Над две третини од растот на долгот кон банките произлезе од долгорочните кредити, при што компаниите позасилено се задолжувале за инвестиции во основни средства и инвестиции во залихи и обртен капитал. Но, удел за растот на задолженоста имало и олеснувањето на кредитните услови од страна на домашните банки.

Од аспект на доверителите, половината (54,6%) од вкупниот надворешен долг се однесува на меѓукомпаниското задолжување меѓу поврзаните субјекти, што дополнително придонесува за намалување на ризикот од рефинансирање на надворешниот долг на домашниот корпоративен сектор, под претпоставка дека овие поврзани субјекти ќе продолжат со непречено работење.

Вкупниот долг на корпоративниот сектор на крајот од 2024 година ги опфаќа обврските кон банките врз основа на кредити, камати и други побарувања, износот на регулативно отпишаниот долг, обврските кон нерезидентите, како и кон финансиските друштва и друштвата за лизинг.