Европската комисија денеска го објави документот за стратегијата за визи на ЕУ. Станува збор за прва стратегија за види на ЕУ, која беше објавена денеска на прес конференција која се одржа во 12 часот во Брисел.
“Визната политика на ЕУ мора да ја одразува Европа што ја сакаме: цврсто посветена на безбедноста на нашите граѓани и интегритетот на нашите надворешни граници, но сепак отворена и придонесувачка за нашиот просперитет”, се вели во Стратегијата, која целосно може да ја прочитате тука.
На новинарско прашање како оваа стратегија ќе влијае на протестите на транспортната индустрија што се случуваат на Балканот, одосно дали со оваа стратегија се решава проблемот на професионалните возачи, Хена Виркунен, извршен потпретседател на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, рече дека тие се „свесни за влијанието врз транспортните оператори“.
“Важно е да се нагласи дека EES не воведе нови правила. Но, ние сме свесни и за тешкотиите. Во оваа стратегија, се осврнуваме и на претходно споменатиот проблем, проблемот со живеалиштето на професионалните возачи“.
Во Стратегијата се објаснува и проблемот кој се однесува до возачите кои професионално ја вршат својата работа во рамки на ЕУ, а како можно решение се предлага издавање на визи со повеќе влезови и излезе на подолг рок.
„Во моментов, правото на ЕУ им дозволува на патниците без виза и оние на кои им е потребна виза да останат во Шенген зоната до 90 дена во период од 180 дена. Секој престој подолг од 90 дена бара долгорочна виза или дозвола за престој издадена од земја-членка.“
Сепак, одредени професионалци од трети земји кои во голема мера се потпираат на мобилноста меѓу земјите-членки – како што се уметници на турнеја, спортисти кои учествуваат во спортски настани, експерти ангажирани во прекугранични проекти, работна сила што ја поддржува индустријата и услугите на ЕУ, како и возачи на камиони кои работат за компании од ЕУ – можеби ќе треба да останат во повеќе земји-членки повеќе од 90 дена во период од 180 дена, без потреба од долгорочен престој или статус на жител во ЕУ.
Оваа ситуација создава сложен систем, кој е дополнително усложнет од постоењето на билатерални договори склучени од поединечни земји-членки пред стапувањето во сила на Шенгенскиот договор. Овие договори им дозволуваат на граѓаните на одредени трети земји да останат подолго од 90 дена, но исклучиво на територијата на одредена земја-членка, што ја нарушува унифицираната примена на Шенгенското законодавство.
Европската комисија ќе соработува тесно со земјите-членки за да идентификува прагматични решенија за да се овозможи продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани на трети земји, а воедно да се обезбедат безбедносни и економски придобивки за Унијата, како и правна јасност за патниците. Овие размислувања ќе ја вклучат можноста за воведување ново законодавство на ниво на ЕУ, со посебен сет правила за продолжен краткорочен престој.
Во овој контекст, Комисијата ќе го разгледа влијанието на постојните билатерални договори што дозволуваат продолжен престој, со цел нивно постепено укинување.
Кои се следните чекори кои се предлагаат:
-забрзана имплементација на дигитализацијата на визните процедури
-лансирање на Европскиот систем за информации и авторизација за патување (ETIAS) во текот на 2026 година
-идентификување на можноста за издавање визи со повеќе влезови со подолг рок на важење
-имплементација на Препораката на Европската комисија за привлекување таленти за иновации
-разгледување на можноста за прилагодување на рамката на ЕУ за долгорочни визи на екосистемите на иновации и истражувања
-истражување/разгледување на нови правила за продолжени краткорочни престои за избрани категории професионалци од трети земји, како што се уметници на турнеја, спортисти кои учествуваат на натпревари или возачи на камиони“.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:






















