ИКТ индустрија извоз

Македонската ИКТ индустријата станува една од најдинамичните извозни гранки во земјата.

Извозот на информациски, компјутерски и телекомуникациски услуги (ИКТ) од Македонија во 2025 година надмина 676 милиони евра. Тоа претставува годишен раст од 7% во споредба со 2024 година, покажуваат податоците од Народната банка.

ИКТ индустрија е меѓу ретките македонски индустрии што бележат постојан раст на извозот и остваруваат суфицит во трговската размена со светот – односно извезуваат повеќе отколку што увезуваат.

Според податоците, во 2025 година во земјава биле увезени ИКТ услуги во вредност од 197 милиони евра, што значи дека позитивниот нето ефект од извозот изнесувал 438 милиони евра.

Најголем дел од приходите доаѓаат од компјутерските услуги, чиј извоз во 2025 година достигнал 599,6 милиони евра.

Колку за споредба, извозот на храна од Македонија во 2025 година изнесувал 564 милиони евра, додека извозот на железо и челик изнесувал 496 милиони евра.

ИКТ секторот бележи импресивен раст

Извозот на ИКТ услуги од Македонија бележи висок и континуиран раст во последните години. Во 2016 година тој изнесувал 150 милиони евра, што значи дека за седум години е зголемен за 351% – или повеќе од четири и пол пати.

Континуираниот раст укажува дека македонските компании се конкурентни и добро позиционирани на светскиот пазар, но и дека ИКТ индустријата, со соодветна државна стратегија, има потенцијал стане стратешки столб на економијата, со потенцијал за уште поголема диверзификација и вработување.

Според податоците на МАСИТ, во 2024 година во оваа индустрија работеле 2.921 фирма, во кои работеле близу 24 илјади работници.

ИКТ-секторот во Македонија во изминатите пет години бележи конзистентен и стабилен раст по сите релевантни економски индикатори. Од 2020 до 2025 година, секторот се истакнува со значително зголемување по однос на сите наведени параметри во оваа анализа.

Овие резултати не само што рефлектираат здрава и одржлива експанзија, туку укажуваат и на созревање на ИКТ индустријата – како во делот на интерна организација и професионализација, така и во делот на нејзината конкурентност на домашниот и меѓународниот пазар.

Од Стопанската комора за ИКТ секторот МАСИТ сметаат дека индустријата демонстрира високо ниво на отпорност на надворешни економски влијанија и континуирана адаптибилност на глобалните трендови, што ја позиционира како еден од најзначајните столбови на македонската економија.