Висока делегација на САД во работна посета на „Алкалоид“

15

Како дел од пошироката регионална агенда на Владата на САД, насочена кон поттикнување на инвестициите и кон стратешко поврзување на американскиот капитал со водечките компании од Западен Балкан, висока делегација составена од претставници на Владата на САД, партнерски организации и од институции оствари работна посета на „Алкалоид“ АД во Скопје.

Ентони Рандацо, Извршен директор во Канцеларијата за здравство и агробизнис при Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC), придружуван од претставници на Амбасадата на САД во Скопје ‒ Барнабас Беркеланд, Економски офицер, Шеф на економскиот оддел, и Розита Мреношки, политичко-економска асистентка ‒ како и од Јелена Арсовска, Извршна директорка на Американската стопанска комора во РСМ, ги обиколи производствените капацитети на компанијата, Институтот за истражување и развој и Музејот на „Алкалоид“ во рамки на работната посета на „Алкалоид“ АД Скопје.

Домаќин на делегацијата беше Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, кој истакна дека компанијата повеќе од шест децении гради успешна соработка со водечки американски фармацевтски компании, а од почетокот на 2000-тите години развива партнерства со американски мултинационални брендови, како Aveda, Arbonne International и Swanson, снабдувајќи ги со премиум билни производи.

„Посетата на делегацијата од САД претставува значајна потврда за квалитетот и за конкурентноста на ‘Алкалоид’, како и за нашата долгорочна ориентација кон нови деловни релации. Тековната соработка со водечките американски компании во фармацевтскиот сектор, како Medtronic, MSD и други, како и со мултинационални брендови од САД во сегментот билкарство, е од особена важност за ‘Алкалоид’ со оглед на фактот дека станува збор за исклучително голем и конкурентен пазар, којшто се одликува со строго регулирани правила и со високи стандарди во поглед на квалитетот и на целосната усогласеност со регулаторните барања“ – нагласи Мукаетов. 

Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (U.S. International Development Finance Corporation/DFC) е развојна финансиска институција на Владата на САД со капацитет за заеми од 205 милијарди долари и со портфолио од над 40 милијарди долари во повеќе од 100 пазари во развој, вклучително и со 8,4 милијарди долари активна изложеност во Европа и во Централна Азија. Институцијата нуди финансиски инструменти, како долгорочни заеми и гаранции, сопственички вложувања и осигурување од политички ризици, со фокус на сектори како критични минерали, модерна инфраструктура, енергија, здравствени услуги и технологија, безбедност на храна и агробизнис.

Ентони Рандацо e Извршен директор за импакт-финансии при Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (DFC), директно задолжен за секторите здравство и агробизнис, со фокус на зајакнување на здравствените системи и на развој на одржливо земјоделство.

Посетата е дел од пошироката регионална агенда на Владата на САД насочена кон поттикнување на инвестициите и кон стратешко поврзување на американскиот капитал со водечките компании од Западен Балкан.

Живко Мукаетов е член на Одборот на директори на македонската подружница на Американската стопанска комора од ноември 2023 година, каде што, во рамки на својот втор мандат, ја извршува функцијата прв потпретседател.