Полскиот парламент го одобри данокот од 60% на неочекуван екстра профит остварен од нафтените компании како резултат на кризата со снабдување предизвикана од војната со Иран. Со ова мерка владата во Варшава се надева дека ќе собере 950 милиони евра.

Мерката, одобрена со 231 глас „за“ и 201 „против“, ќе влијае на профитот остварен од дистрибутерите на фосилни горива помеѓу март и декември оваа година и ќе служи за финансирање на енергетските субвенции и ублажување на влијанието на кризата врз потрошувачите.

Полското Министерство за економија, телото што го предложи и промовираше законот, ја оправда мерката како „неопходен одговор на исклучителните геополитички услови“ што произлегоа од конфликтот на Блискиот Исток.

По почетокот на американско-израелската војна против Иран во февруари и последователното затворање на Ормутскиот теснец, глобалните цени на нафтата скокнаа.

Полскиот министер за економија Анджеј Домански неодамна на прес-конференција во Варшава изјави дека оваа ситуација генерирала „исклучителни маржи на профит во секторот, кои не се должат на поголема оперативна ефикасност, туку на ефект од надворешен пазар“. Според министерот, данокот има за цел да ја елиминира „асиметријата“ меѓу компаниите што остваруваат рекордни профити, додека државата ги сноси трошоците за намалување на даноците за да ги заштити граѓаните.

Овој вонреден данок од 60% ќе се применува на профитите дефинирани како „вонредни“, односно оние што ја надминуваат просечната продажба регистрирана во истиот период од 2025 година за 20%.

Се проценува дека помеѓу 20 и 30 субјекти ќе бидат предмет на овој данок, вклучувајќи ги производителите и увозниците на бензин и дизел. Се очекува државниот енергетски гигант Орлен да го сноси најголемиот дел од данокот.

За време на зголемувањето на цените на горивата предизвикано од затворањето на Ормутскиот теснец, полската држава воведе програма за субвенционирање на бензин и дизел гориво за приватни потрошувачи, што го чинеше јавниот буџет приближно 1,1 милијарда евра.

Владата првично предложи даночна стапка од 75%, но ја намали на 60% по консултациите со претставниците на индустријата.

Полската организација за нафтена индустрија и трговија (POPiHN) тврдеше дека стапката треба да одговара на придонесот за солидарност од 33% наметнат на компаниите за рударство на јаглен во 2022 година, кога цените на горивата исто така нагло се зголемија по руската инвазија на Украина.