Владата има јасна визија за целосна трансформација на железничкиот сообраќај во државата, порача вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на потпишувањето на Договорот за грант со директорката на Светска банка за Македонија, Керол Межеван.

Со грантот од Светската банка во висина од еден милион евра ќе се набават нови возови и електрични локомотиви, кои ќе бидат дел од најавената трансформација на Македонски Железници-Транспорт.

Имаме јасна визија за комплетна промена на железничкиот сообраќај. Карго сообраќајот бележи сериозен раст, има раст на бројот на патници, инвестиции во нови пруги. Оваа година има позитивни бројки во првите четири месеци и раст и во бројот на превезени патници и раст на карго сообраќајот”, истакна Николоски.

​Тој додаде дека се работи на трансформацијата на двете желенички претпријатија како дел од Планот за раст на ЕУ. Покрај набавките на возови и најмалку пет електрични локомотиви Николоски информира дека во финална фаза е изградбата на првата линија од Градски воз, а очекува оваа година да се распише и тенедерот за изградба на втората линија од Илинден до Новата железничка станица како и третата линија од Ѓорче Петров до Новата железничка станица и да бидат завршени до крајот на 2027 година или првата половина на 2028 година.

Тој ги спомна и инвестициите на ЈП Железница Инфраструктура, првата делница од пругата кон Бугарија беше готова минатиот јануари, на втората активно се работи, а во постапка е избор на изведувач за третата фаза. Во рамки на Планот за раст се работи и на западното крило на Коридорот 8, правците Скопје -Јегуновце – Тетово – Гостивар, во втора фаза Гостивар – Кичево и во трета фаза од Кичево до Охрид, Струга и поврзување со Албанија, информираше Николоски.