Грчкиот извоз продолжува да бележи силен раст. Од 2019 година до денес, вредноста на извозот е зголемена за 46%, достигнувајќи 47 милијарди евра, во споредба со 32 милијарди евра пред шест години, изјави вицепремиерот на Грција, Костис Хацидакис.

Говорејќи на Генералното собрание на Здружението на грчки извозници во Солун, Хацидакис истакна дека извозот денес има повеќе од двојно поголем удел во грчката економија отколку пред неколку години, како според обемот, така и според учеството во бруто-домашниот производ.

Вицепремиерот ја претстави и новата национална извозна стратегија, според која Грција има за цел до 2030 година да го зголеми извозот на стоки на 70 милијарди евра, што претставува раст од околу 45% во однос на сегашното ниво.

За остварување на оваа цел, Владата ќе спроведе петгодишен план кој предвидува модернизација на институциите што ги поддржуваат извозниците, зајакнување на економските и трговските претставништва во странство, дополнителна дигитализација на услугите за компаниите и поагресивна меѓународна промоција на националниот бренд „Грција“.

Како еден од најважните стратешки пазари, Хацидакис ја посочи Индија, оценувајќи дека станува збор за огромен пазар со значителен потенцијал за грчките компании.

Според него, успехот на грчкиот извоз е резултат на тоа што компаниите не останале фокусирани само на домашниот пазар, туку активно барале нови пазари, инвестирале во квалитет и иновации и успеале економската криза да ја претворат во можност за раст и интернационализација.

За споредба, извозот на стоки од Македонија во 2025 година изнесуваше 8 милијарди евра и во споредба со 2019 година бележи раст од 24,5 %.