Македонските компании во јуни 2026 година извезле стоки во вредност од 827 милиони евра, што претставува раст од 18,9% во споредба со истиот месец минатата година. Истовремено, обемот на извезените стоки е зголемен за 16,9%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во истиот месец биле увезени стоки во вредност од 1,14 милијарди евра, што е 15,9% повеќе во споредба со јуни 2025 година.

Трговскиот дефицит во јуни изнесувал 315 милиони евра, што е за околу 10% повеќе во однос на истиот месец лани. Покриеноста на увозот со извозот достигнала 72,4%, што е подобрување во споредба со 70,9% во јуни минатата година.

Најголем придонес во јунскиот извоз имаат машините и транспортните уреди, со извоз вреден 249 милиони евра, што е раст од 13,7%. Следуваат хемиските производи со 224 милиони евра (+20,9%), храната со 51 милион евра (+4,2%) и железото и челикот со 46,8 милиони евра, чиј извоз е зголемен за 26,6%.

Највисоки стапки на раст се забележани кај нафтата и нафтените производи, чиј извоз достигнал 27 милиони евра, што е дури 440% повеќе од лани, како и кај неорганските хемиски производи, со извоз од 24,5 милиони евра и годишен раст од 560%.

Кои производи најмногу се извезуваа во првата половина од 2026 година?

Во периодот јануари – јуни 2026 година, Македонија извезла стоки во вредност од 4,36 милијарди евра, што претставува раст од 7,9% во споредба со истиот период минатата година.

Во истиот период увозот достигнал 6,1 милијарда евра, што е 7,6% повеќе на годишно ниво.

Трговскиот дефицит во првата половина од годината изнесувал 1,75 милијарди евра, што е зголемување од 7,4% во споредба со лани. Покриеноста на увозот со извозот останува речиси непроменета и изнесува 71,3%, наспроти 71,2% во истиот период од 2025 година.

Најголем извоз според вредноста е остварен кај хемиските материјали и производи, со 933 милиони евра, што е 9,1% повеќе од лани.

На второ место се електричните машини и апарати, со извоз од 866 милиони евра, што претставува раст од 4,8%.

Следуваат храната, со извоз од 279 милиони евра (+0,7%), и железото и челикот, со 257 милиони евра, каде е регистриран пад од 5,4% во однос на истиот период минатата година.

Кои се најголемите извозни пазари?

Во првата половина од 2026 година, 58,5% од македонскиот извоз бил пласиран на пазарите на Европската Унија.

Воедно, 68% од вкупниот извоз бил реализиран на 10-те најголеми извозни пазари. Од нив, пад на извозот е забележан само кон Чешка Република, додека на сите останати пазари е евидентиран раст.

Иако македонскиот извоз во Германија бележи намалување во изминатите три години, таа останува убедливо најголем извозен партнер на Македонија, со извоз вреден 1,57 милијарди евра во првата половина годинава, што претставува раст од 4,2% во однос на истиот период минатата година.

На второ место е Бугарија, каде македонските компании извезле стоки во вредност од 268 милиони евра, што е 18,5% повеќе од лани.

Следуваат Србија со извоз од 247 милиони евра (+15,7%), Косово со 226 милиони евра (+35%) и Унгарија со 197 милиони евра (+5,2%).

Најголем раст меѓу десетте најважни пазари е остварен кај Полска, каде македонскиот извоз во првата половина од годината е речиси тројно поголем, односно повисок за 194,7% во споредба со истиот период лани.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Кризата во германската автомобилска индустрија го намали уделот на Германија во македонскиот извоз од 48,6% на 36,2%

Извозот во мај стагнира: Раст од само 0,85%, трговскиот дефицит се зголеми за 20%

Извозот на преработки од овошје и зеленчук надмина 102 милиони евра – двојно повеќе отколку пред десет години