Во мај 2026 година од Македонија се извезени 308 илјади тони стоки во вредност од 752 милиони евра. Вредноста на извозот останала речиси на исто ниво како лани и бележи раст од 0,85%, додека извезените количини се зголемени за 3,1% во споредба со мај 2025 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во истиот месец увозот изнесувал 1,018 милијарди евра, што претставува раст од 4,9% во однос на мај минатата година.
Трговскиот дефицит достигнал 266 милиони евра, што е за 20% повеќе отколку во мај 2025 година, кога изнесуваше 221 милион евра. Истовремено, покриеноста на увозот со извозот во мај годинава се намалила на 73,8%, наспроти 77,1% во истиот месец лани.
Хемиските производи остануваат најголема извозна категорија
Најголем извоз и натаму е остварен кај хемиските производи, во кои спаѓаат и катализаторите. Во мај нивниот извоз достигнал 152 милиони евра, што е намалување од 4,6% во споредба со истиот месец лани.
Следуваат електричните машини и апарати, со извоз од 141 милион евра и пад од 1,9%.
Продолжува и негативниот тренд кај извозот на железо и челик, кој во мај изнесувал 44,5 милиони евра, што е за 7,9% помалку отколку пред една година.
Извозот на храна достигнал 44 милиони евра и останал речиси непроменет во однос на мај 2025 година. Сепак, негативниот тренд продолжува кај извозот на овошје и зеленчук, кој се намалил за 4,5% и изнесувал 16,7 милиони евра.
Извозот на друмски возила забележал значителен пад од 33%, на 31,7 милиони евра. Голем пад има и кај извозот на тутун и тутунски производи, кој е намален за 31% и во мај изнесувал 32,5 милиони евра.
Од друга страна, извозот на медицински и фармацевтски производи пораснал за 7,3% и достигнал 13,4 милиони евра, додека извозот на пијалаци се намалил за 1% и изнесувал околу 10 милиони евра.
Полска со најголем раст на извозот, Германија продолжува да слабее
Германија останува најголем извозен пазар за македонските компании, со извоз вреден 254 милиони евра. Сепак, извозот на овој пазар продолжува да се намалува, како и неговото учество во вкупниот извоз на земјата. Податоците покажуваат дека во мај вредноста на извозот во Германија се намалил за 7,7% во споредба со истиот месец минатата година, додека извезените количини биле помали за дури 27%. Со тоа, учеството на Германија во вкупниот извоз на државата е намален на 34%.
Втор најголем извозен пазар во мај било Косово, каде е реализиран извоз во вредност од 48,5 милиони евра, што претставува раст од 57,1%.
Следуваат Бугарија со извоз од 44 милиони евра (+27%), Србија со 42,8 милиони евра (+27%) и Полска со 38,9 милиони евра. Од 20-те најголеми извозни пазари, Полска е земјата со највисок раст на извозот во мај – дури 235%. Најголем пад, пак, е регистриран кај извозот во САД, кој се намалил за 46,1% и изнесувал 12,9 милиони евра, односно околу 15 милиони долари.
Извозот во првите пет месеци над 3,5 милијарди евра
Во периодот јануари–мај 2026 година извозот на стоки надмина 3,5 милијарди евра, што претставува раст од 5,6% во споредба со истиот период лани. Увозот во првите пет месеци од годинава изнесувал 4,98 милијарди евра, што е зголемување од 5,8% на годишно ниво.
Трговскиот дефицит во периодот јануари–мај достигнал 1,43 милијарди евра, што претставува намалување од 7,1% во споредба со истиот период минатата година.
Покриеноста на увозот со извозот во првите пет месеци изнесувала 71,1% и останала речиси непроменета во однос на истиот период лани, кога изнесувала 71,3%.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Извозот во април порасна за 16%, но трговскиот дефицит се продлабочи за 34%
Растат приходите од извоз на вино: 20,8 милиони евра за четири месеци, 11% повеќе од лани
12,3 милиони евра од извоз на јагнешко, количините на најниско ниво во една деценија
Од 1 јули стапуваат на сила новите европски мерки за челикот: Голем удар за македонскиот извоз
























