Народната банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25%, оценувајќи дека високата неизвесност во домашното и меѓународното окружување бара претпазлив пристап во водењето на монетарната политика. Инфлацијата во август изнесувала 2,6 отсто, додека девизните резерви достигнале 5,1 милијарда евра.
Одлуката за непроменета каматна стапка е донесена на редовната седница на Извршниот одбор на Народната банка, одржана на 15 септември, врз основа на најновите макроекономски показатели, очекувањата и проценетите ризици.
Инфлацијата во август забрза на 2,6%
Годишната стапка на инфлација во август изнесувала 2,6 %, наспроти 2,3% во јули. Растот на светските цени на енергентите веќе се одразува и врз домашните цени преку забрзување на енергетската компонента на инфлацијата.
Иако инфлацијата е нешто пониска од очекувањата во априлските проекции, од Народната банка предупредуваат дека сè уште е рано да се потврди одржливоста на трендот на нејзино забавување.
Како главни надворешни ризици се посочуваат заострувањето на конфликтите на Блискиот Исток и продолжувањето на војната меѓу Русија и Украина. Овие случувања придонесуваат за раст на цените на нафтата и другите енергенти, како и за нарушувања во синџирите на снабдување, што во следниот период може да се одрази врз домашните цени и девизниот пазар.
Дополнителен ризик претставуваат и домашните фактори што ја поттикнуваат побарувачката. Поради тоа, Народната банка оценува дека сегашната поставеност на монетарната политика е соодветна и дека е потребно да се задржи претпазливиот пристап.
Економијата отпорна и со раст од 4,3%
Домашната економија останува отпорна и покрај неповолното и неизвесно надворешно окружување. Во вториот квартал од 2026 година, реалниот годишен раст на БДП забрза и изнесува 4,3%, што е повисоко во однос на априлската проекција. Растот во еден дел се должи на бруто-инвестициите, главно поради градежните активности поврзани со големите инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, кредитната поддршка и натаму е посилна во однос на проекциите, и е фактор што треба внимателно да се следи, додека растот на депозитната база засега не отстапува значајно од проектираната патека.
Народната банка најавува дека ќе продолжи внимателно да ги следи домашните и меѓународните економски и финансиски движења и нивното влијание врз инфлацијата и девизниот пазар.
Централната банка нагласува дека останува посветена на стабилноста на курсот на денарот во однос на еврото и е подготвена да ги употреби расположливите инструменти доколку тоа биде потребно за зачувување на ценовната, макроекономската и финансиската стабилност.






















