Сместена во зелените подножја на австриските Алпи, последната целосно интегрирана европска фабрика за пеницилин се соочува со неизвесна иднина, во сенка на растечката кинеска индустриска моќ.

Причината: Кина произведува исти антибиотици и состојки како и фабриката „Сандоз“ (Sandoz) во Кундл, Австрија, но по многу пониска цена за европскиот пазар.

Падот на цените е добредојден за јавните здравствени системи на европските влади кои се стремат кон заштеди, но претставува егзистенцијална закана за погонот во Кундл – единственото место во Европа каде што пеницилинот се произведува од почеток до крај, вклучувајќи ги и клучните активни состојки.

Откако голем број конкуренти објавија дека ги затвораат своите капацитети или го преместуваат производството во Кина, оваа фабрика стана централна точка во пошироката дебата за самодоволноста на Западот.

И, само три години по проширувањето вредно 200 милиони евра – во кое беа вклучени и 50 милиони евра јавни средства – „Сандоз“ побара од Европската комисија да отвори истрага за „дампинг“ (нелојална конкуренција преку ниски цени), што би можело да доведе до воведување царински мерки против Пекинг.

Доколку фабриката престане со работа, Европа „целосно ќе зависи“ од Кина, изјави за „Ројтерс“ Стефани Једнер, раководителка на погонот во Кундл, додека стоеше во канцелариите со поглед кон сјајните резервоари за складирање, опкружени со тиролските Алпи.

Александар Флеминг го откри пеницилинот пред еден век во Лондон, а тој и денес останува главната класа на антибиотици за инфекции што го загрозуваат животот.

Денес, производството на состојки за околу 1,5 милијарди дневни дози, кои се користат во Европа секоја година, е доминантно во рацете на Кина.

Според податоците на „Еуростат“, уделот на Кина во увозот на пеницилини и нивни деривати во ЕУ – главно во форма на активни фармацевтски состојки (API) – е речиси двојно зголемен: од 44 % во 2019 година на 86 % минатата година.

Ова се совпаѓа со десетгодишниот план на Пекинг, наречен „Произведено во Кина“ (Made in China), чија цел е искачување на земјата во глобалниот производствен вредносен синџир.

Во меѓувреме, европскиот извоз на истите производи денес изнесува едвај една петтина од нивото забележано на врвот во раните 2000-ти години. Ова е еден пример за тоа како Кина премина од текстил и фабрики за склопување во напредно производство и од традиционално европски индустрии од фармацевтски производи до машински алати.

Со оглед на тоа што трговскиот дефицит на стоки на ЕУ со Кина се зголемува на околу 1 милијарда евра дневно во 2025 година, двојно повеќе од нивото од 2020 година, креаторите на политиките се борат за нови мерки за заштита на компаниите и работните места.

Сандоз, во писмен доказ пред британските пратеници претходно оваа година, рече дека капацитетот на Кундл да ја снабдува Европа „не е комерцијално одржлив“ освен ако владите не плаќаат повеќе за пеницилин.
Тврдеше дека контролата на Пекинг врз синџирот на снабдување со пеницилин создава „инхерентен стратешки ризик“ сличен на кинеската контрола врз критичните минерали.

„Снабдувањето со антибиотици би можело да стане алатка за економска принуда или хибридна војна, особено во периоди на дипломатски тензии“, напиша Сандоз барајќи поголема поддршка.

Медицијата како дел од трговските војни

Кина помина години етаблирајќи се како сигурен снабдувач на основни лекови и е сè повеќе играч во најсовремените фармацевтски производи.
Сандоз вели дека до 90% од глобалните активни состојки на антибиотици сега се произведуваат надвор од Европа, главно во Кина или во Индија со кинески хемикалии.

„Ова е нешто за што треба да се загрижите“, бидејќи пазарната моќ на Кина ѝ дава можност да ги брани своите стратешки интереси, изјави Тим Рилиг, аналитичар за Кина во Институтот на Европската унија за безбедносни студии – тинк-тенк организација што се занимава со надворешната политика на ЕУ.

Кина би можела да претрпи штета по својот углед доколку искористи таква моќ. За разлика од нејзиниот речиси целосен монопол врз преработката на ретки земни елементи, кинеската политика не ја разгледува моќта на пазарот на антибиотици низ призмата на националната безбедност.

Сепак, кинескиот економист Даокуи Ли, поранешен член на комитетот за монетарна политика при кинеската централна банка, ги вознемири западните земји за време на пандемијата на КОВИД-19, кога сугерираше дека залихите на активни фармацевтски состојки (API) би можеле да бидат предмет на преговори во трговските спорови.

Еден американски претставник во Кина, кој сакаше да остане анонимен, изјави за Ројтерс дека кинеските соговорници на состаноци навестиле оти Пекинг би можел да го запре извозот на активни фармацевтски состојки за одредени лекови како одмазда во евентуален трговски конфликт.

Од кинеското Министерство за надворешни работи соопштија дека економските и трговските несогласувања со ЕУ можат да се решат преку дијалог и консултации. „Кина доследно се спротивставува на сите форми на трговски протекционизам“, се наведува во одговорот на прашањата од Ројтерс. Стејт департментот на САД не даде коментар во тој момент.

Според Боштјан Цех, раководител за развој на бизнисот во „Лабена“ – словенечка компанија за фармацевтски истражувања и развој – слабеењето на една ваква стратешка индустрија ја прави Унијата ранлива на ограничувања во снабдувањето за време на пандемии или конфликти.

„Тоа сериозно би ја загрозило способноста на Европа да се справи со здравствена криза“, рече Цех.

Дури по пандемијата на КОВИД-19 – кога Европа стана свесна за својата зависност од азиските медицински залихи – креаторите на политики почнаа да го третираат фармацевтското производство како стратешко прашање, вели Ана Михајлова, експерт за политики при Медицинскиот универзитет во Пловдив.

Алармот се вклучи во 2022 година, кога во Европа се појави недостиг од амоксицилин – вид пеницилин што се произведува во Кундл – токму во периодот на нагло зголемување на респираторните инфекции по пандемијата.

Една година подоцна, повикувајќи се на зачестениот недостиг, Европската комисија одобри 28,3 милиони евра за проширување на капацитетите во Кундл, со што производниот капацитет се зголеми за 20%.

Но, истовремено новостекнатата доминација на Кина, исто така, произлегува од поблагите еколошки прописи, драстично пониските трошоци за работна сила и државните субвенции, како и од инвестициите на западните фармацевтски компании кои се стремат кон заштеда на трошоците.

Според статистиката на Меѓународната агенција за енергетика, цените на електричната енергија во ЕУ за енергетски интензивните индустрии во 2025 година биле во просек за речиси 50 % повисоки отколку во Кина.

Високите трошоци за енергија во Европа се особено изразени во фабриката во Кундл, која троши исто толку енергија колку и блискиот град Инсбрук, во кој живеат над 130.000 луѓе. Ова го истакна директорката Једнер, во комплексот што „Сандоз“ го дели со својата поранешна матична компанија „Новартис“ (Novartis) и со хемискиот гигант БАСФ (BASF).
Таа додаде дека, додека цените на енергијата растат, цените на пеницилинот во Европа стагнираат или паѓаат.

ЕВТИНИ АНТИБИОТИЦИ, НО ПО КОЈА ЦЕНА?

Сандоз се жали дека не може да ги зголеми цените поради конкуренцијата и процесите за јавни набавка на европските земји.

Фабриката Кундл останува ранлива, вели компанијата, поради политиката на европските влади за набавка на лекови врз основа на најниската цена, наместо да се стреми да одржува разновидни залихи.

Компанијата тврди дека Кина го преплавува пазарот со евтини API. Во март, таа поднесе жалба до Европската комисија за кинеското влијание врз делови од пазарот на антибиотици. Случајот се фокусира на докажување дека кинеските API на амоксицилин се продаваат во Европа под производствените трошоци, поткрепени со субвенции.

Се очекува Европската комисија наскоро да ја отвори антидампинг истрагата, иако времето останува нејасно поради заостанати жалби, изјавија за Ројтерс експерти за трговија на ЕУ, европски претставници и кинески научници.

Луѓето изјавија за Ројтерс дека царините на ЕУ веројатно ќе бидат наметнати со оглед на тоа што Европа го заострува својот пристап кон Кина пошироко.
Од 23 тековни антидампинг и антисубвенциони истраги на ЕУ, сите освен три ја имаат Кина како единствена или заедничка цел.
Можни се и други исходи. Европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, неодамна објави договор со Пекинг за намалување на извозот на хибридни возила, наместо наметнување царини, обид да се спасат европските производители на автомобили.

Во јавни изјави, Пекинг вели дека неговата поддршка за субвенции е во согласност со правилата на СТО. Ги обвинува другите земји за протекционизам што ги повредува глобалните синџири на снабдување.

Додека Сандоз се бори со динамиката на глобалната трговија, неговиот извршен директор Ричард Сејнор вели дека за да бидат одржливи, лековите што спасуваат животи имаат потреба од поголема моќ на одредување цени отколку секојдневните бомбони.

„Вознемирувачки е тоа што продаваме пакување антибиотици поевтино отколку што чини едно пакување чоколатца ‚Рикола‘ во Швајцарија или чоколатце ‚Марс‘ во Обединетото Кралство“, изјави тој за Ројтерс. „Многу од овие работи ги земаме здраво за готово – и така ги третираме сè додека повеќе ги нема.“

Извор: Ројтерс

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Трамп со ултиматум: Производство во САД или царини од 100% за увозот на генерички лекови

Царината за увоз на лекови во САД може да ги наруши меѓународните синџири на снабдување и да ја зголеми цената на лековите