Што им е потребно на македонските компании за успешно да се натпреваруваат на меѓународните пазари? Подобра поврзаност со светот, паметно користење на технологијата, добро познавање на странските пазари и способност навреме да се одговори на глобалните промени. Но, без оглед на индустријата, во основата на конкурентноста секогаш стојат силно лидерство, јасна визија, луѓе што знаат како да ја претворат во резултати и, пред сè, доверба.

Ова беа дел од клучните пораки на стратешката панел-дискусија „Извозна конкурентност: од локално до глобално“, на која претставници на три различни индустрии – воздухопловството, прехранбената индустрија и туристичката технологија – ги споделија своите искуства за освојување нови пазари и градење конкурентни бизниси.

Панел-дискусијата се одржа во рамките на првиот Global Trade and Growth Forum 2026, организиран на 27 октомври во Скопје, во организација на Швајцарската стопанска комора во Северна Македонија (SwissCham), со поддршка на глобалната компанија за контејнерски транспорт MSC Mediterranean Shipping Company како стратешки партнер и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија, преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), со придонес на програмите IME, SIPPO и SwissEP.

Форумот обедини на едно место над 200 значајни гости и претставници од бизнис заедницата, извозните комапнии, владините институции и академската јавност.



Порталот Извоз.МК, како медиумски партнер на Global Trade & Growth Forum 2026, ги пренесува клучните пораки, дискусии и препораки од форумот, со посебен акцент на можностите за зголемување на извозната конкурентност на македонските компании.

Кaко локалниот потенцијал да се претвори во глобален успех?

Горан Дамовски, тим лидер на Програмата ИМЕ ја модерираше дискусијата на која учесниците, бизнис лидери во сосема различни индустрии, ги споделија своите искуства и совети како фирмите можат од локални да прераснат во глобални играчи, како да се справат со предизвиците при освојувањето нови странски пазари, како да станат поконкуретни и да ги искористат можностите кои ги создаваат промените за развој на бизнисите.

Учесници на панелот беа Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија, Љупчо Велески, директор на меѓународна продажба во „Витаминка“, и Кристоф Гејтер, британски претприемач и коосновач на технолошката компанија Quendoo.

Неџат Курт, ТАВ Македонија: Поврзаноста создава можности


Неџат Курт
, генерален директор на ТАВ Македонија зборуваше за тоа како меѓународната поврзаност на земјата влијае врз способноста да привлекува инвестиции, да го поттикнува извозот и да биде дел од меѓународните синџири на вредност.
Тој се осврна на модернизацијата на аеродромите во Скопје и Охрид и како таа  влијае врз инеграцијата на Македонија во меѓународните економски текови и нејзината поврзаност со светот.

„Кога започнавме да управуваме со аеродромите во Македонија, имавме околу 600 илјади патници годишно. По 16 години, низ двата аеродрома минуваат близу четири милиони патници. Од 17 дестинации во 12 земји, денес имаме летови до 57 дестинации во 25 земји. Со годишен раст од 29 %, сме меѓу трите најбрзо растечки аеродромски оператори во Европа“
, посочи Курт.

Неџат Курт, извршен директор на ТАВ Македонија

Но, како што нагласи, зад овие бројки стои многу поголема економска вредност.

„Што значат овие близу четири милиони патници за Македонија? Тоа не се само луѓе кои патуваат од една земја во друга, туку поврзување на економии. Со секоја нова дестинација отвораме нови деловни можности и простор за создавање работни места. Секој турист што пристигнува во Македонија создава побарувачка за различни услуги и можности за развој на домашните бизниси“, истакна Курт.

Според него, авионската поврзаноста на земјата имаат значајно влијание и врз одлуките на странските инвеститори.

„Кога странски инвеститор ја разгледува Македонија како потенцијална дестинација за инвестирање, ги анализира даночната политика, трошоците за работна сила и многу други фактори. Но, исклучително важно е и дали постојат директни летови до земјата. Инвеститор што планира производствена или градежна активност треба да донесе инженери, експерти и друг стручен кадар. Затоа директната поврзаност има големо значење за одржливоста и конкурентноста на бизнисот. Поврзаноста создава можности“, нагласи Курт.

Сепак, подобрата поврзаност сама по себе не е доволна. За отворените можност да се претворат во поголем економски раст, неопходна е координирана акција на институциите, бизнисите и туристичките оператори.
Клучниот предизвик, според Курт, е како сите чинители заеднички да ги развиваат капацитетите и услугите за максимално да ги искористат можностите што ги отвора поголемата меѓународна поврзаност на земјата.

Кристоф Гејтер, Quendoo: Дигиталната трансформација може значајно да ги зголеми приходите од туризмот

Подобрата меѓународна поврзаност отвора можности за развој на туризмот, но за нивно искористување неопходни се и современи дигитални алатки и препознатливо онлајн присуство.

За ова зборуваше Кристоф Гејтер, британски претприемач и коосновач на Quendoo, технолошка компанија која развива софтверски решенија за хотели, туристички сместувања и управување со резервации.

Туризмот е извозна дејност, а технолошките промени и дигиталната трансформација суштински го менуваат начинот на кој оваа дејност функцинира и отвараат нови можности за зголемување на приходите.
Основната бизнис идеја Quendoo е хотелите и сместувачките капацитети да не зависат целосно од големите посреднички платформи како Booking или Expedia, туку да имплементираат сопствени дигитални решенија кои ќе им озвоможат сами да управуваат со резервациите, цените, продажбата и клиентите.



„Quendoo опслужува над 1.000 хотели во различни земји, култури и валутни системи. Во нашето работење гледаме хотели кои се наоѓаат на иста улица, имаат иста категоризација и работат во исто економско опкружување, но едниот остварува милионски профит, додека другиот едвај ги покрива трошоците. Што ја прави разликата? Стратегијата, а голем дел од неа е токму прифаќањето на технологијата“, истакна Гејтер.

Тој објасни дека софтверските решенија на Quendoo им овозможуваат на хотелите и сопствениците на сместувачки капацитети полесно да пристапат до нови пазари, да обезбедат повеќе резервации, да постигнат повисоки цени за ноќевање и да ги намалат трошоците за посреднички провизии.

Тој се осврна и на слабостите во дигиталното претставување на туристичката понуда во Македонија.

„Во Македонија е прилично тешко да се најде и резервира сместување онлајн. Веб-страниците често се премногу едноставни и не влеваат доволно доверба. Затоа потенцијалните гости или директно одат на Booking.com или воопшто не резервираат, па дури и ја менуваат дестинацијата. Онлајн присуството е лицето на бизнисот. Тоа мора да биде препознатливо, да влева доверба и да овозможува едноставна резервација и плаќање“, посочи Гејтер.

Неговата порака до туристичките бизниси е дека одлуката за патување започнува многу пред туристот да пристигне на дестинацијата, а влезот во ниовните бизнис е во мобилниот телефон, таблетот, рецензиите на онлајн платформите.
Потенцијалните гости ги истражуваат понудите преку мобилните телефони, ги читаат онлајн рецензиите, ги споредуваат цените и заедно со семејството одлучуваат каде ќе го поминат следниот одмор.

Токму затоа, како што нагласи, дигиталната стратегија не смее да биде спореден дел од работењето, туку една од неговите основи.

„Ако не го разбирате тоа, тогаш не верувате дека туризмот е извозен производ. Стратегијата мора да предвиди како да се подобри онлајн присуството. Технологијата може драматично да ја промени состојбата во туризмот и значително да ги зголеми приходите“, порача Гејтер.

Но, за една земја да привлече повеќе туристи, најпрво мора убедливо да ја раскаже својата приказна – што ја прави посебна и зошто туристите би ја избрале токму неа, наместо некоја друга дестинација. А за таа приказна да допре до вистинската публика, клучна е добра дигитална стратегија. Ова е особено важно во време на развој на вештачката интелигенциј, која револуционерно ќе го смени начинот на кој туристите ги истражуваат дестинациите, ги планираат патувањата и одлучуваат каде ќе го поминат одморот.

Според Гејтер, токму овие технолошки промени претставуваат голема можност за Македонија да го надомести пропуштеното, да ја зголеми својата препознатливост на меѓународниот пазар и да привлече повеќе туристи, а со тоа и поголеми приходи од туризмот.

Љупчо Велески, Витаминка: Глобалните промени отвораат и можности за македонските извозници

За предизвиците на извозните компании при влез на нови пазари, градењето препознатливи брендови и приспособувањето на промените кои ги носат геополитичките и трговските конфликти зборуваше Љупчо Велески, директор за извоз во „Витаминка“.

Витаминка годинава одбележа 70 години постоење, и е една од водечките производители во домашната и регионалната прехранбена индустрија, со големо портфолио производи и присуство на повеќе од 30 странски пазари.
Според Велески, успешниот извоз започнува со темелна подготовка и реална проценка на сопствените можности.

„Пред компанијата да одлучи на кој пазар ќе извезува, мора добро да го познава тој пазар, потрошувачите и нивните навики, конкуренцијата, ценовните политики, логистиката и законската регулатива. Следно, мора добро да се познава себеси, реално да ги согледа сопствените предности и слабости, како и конкурентноста на своите производи. Трето, мора да има капацитет да ги препознае новите трендови и да ги предвиди идните случувања на пазарот“, истакна Велески.

Тој посочи дека геополитичките тензии, трговските конфликти и редефинирањето на глобалните синџири на снабдување суштински ги менуваат приоритетите на компаниите.

„Порано акцентот беше на релативно ниските трошоци и максималната ефикасност. Денес приоритет стануваат политичката сигурност и поголемата контрола врз изворите на снабдување. Сè поприсутни се моделите како friendshoring и nearshoring. Од искуството на Витаминка можам да кажам дека сè повеќе расте значењето на обезбедувањето суровини од домашни извори или од доверливи партнери“, посочи Велески.

Но, овие промени не носат само ризици. Тие отвораат и нови можности за македонските производители, особено поради географската близина на европските пазари.

Според Велески, промените во глобалните синџири на снабдување ѝ овозможиле на Витаминка да ја прошири соработката со реномирани европски дистрибутери и трговски синџири.

„Производите на Витаминка денес можат да се најдат во големите европски трговски синџири како Lidl, Aldi, Spar, Tesco, Carrefour и Coop. Верувам дека македонските компании, особено оние од прехранбената индустрија, треба да го искористат овој моментум и можностите што ги отвора нашата поволна геостратешка положба“, истакна Велески.

Неговата порака е дека компаниите кои навреме ќе ги препознаат промените, ќе ги приспособат своите стратегии и ќе инвестираат во градење доверливи партнерства ќе имаат поголеми шанси за успешен настап на странските пазари.

Искуствата на тројцата панелисти, кои иако работат во различни индустрии, укажаа на неколку заеднички предуслови за поголема конкурентност и успех на меѓународните пазари.
Подобрата меѓународна поврзаност создава пристап до нови пазари, технологијата овозможува поголема ефикасност и подобро позиционирање, а разбирањето на глобалните промени им помага на компаниите навреме да ги препознаат новите можности.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

https://izvoz.mk/global-trade-growth-forum-2026-makedonija-ima-potenczijal-da-go-zgolemi-izvozot-infrastrukturata-logistikata-i-partnerstvata-se-kluchni/