Македонската фармацевтска компанија Алкалоид продолжува со раст на продажбите, извозот, инвестициите и профитабилноста, и покрај неизвесноста и предизвиците на глобалните пазари. Во првите девет месеци од 2026 година компанијата оствари продажби од 263,5 милиони евра, што претставува раст од 7% во однос на истиот период лани, додека извозот достигна рекордни 166 милиони евра. Особено впечатлив е растот на продажбите на повеќе странски пазари, меѓу кои Казахстан, Швајцарија, Грција и Велика Британија. Истовремено, инвестициите се зголемени за 34%, а нето-добивката за 4%, со што компанијата го продолжува инвестицискиот циклус и го зајакнува своето присуство на меѓународните пазари.

Македонската фармацевтска компанија Алкалоид обави дека првите девет месеци годинава ги завршила со зголемени продажби и извоз, раст на инвестициите и профитабилноста. Позитивните резултати во работењето се остварении покрај сложете услови за работа и предизвиците кои ги наметнаа воените конфликти, инфлацијата, поскапувањето на енергенсите и суровините, како и проблемите во синџирите на снабдување.

Вкупните консолидирани продажби на Алкалоид во периодот јануари –септември 2026 година достигнуваат 16.205.440.429 денари (263,5 милиони евра), што претставува раст од 7 % во споредба со истиот период од минатата година.
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 13 % во споредба со минатата година, надминивајќи 97,3 милиони евра.

Во истиот период, извозот се зголеми на рекордни 166 милиони евра, со високи двоцифрени стапки на раст на многу извозни пазари.

Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 3,3 пати, како и во Швајцарија, каде што продажбите се зголемени 2,6 пати. Потоа следуваат оние во Јордан (раст од 94 %), Грција (раст од 89 %), Велика Британија (раст од 83 %), Кипар (раст од 74 %), Литванија (раст од 65 %), Монголија (раст од 30 %), Ерменија (раст од 16 %), Грузија (раст од 14 %), Германија (раст од 13 %) итн.

Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 18 %, а во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 17 % од вкупните консолидирани продажби.

Инвестициите зголемени за 34%

Вкупните консолидирани инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2026 година изнесуваат 1.067.280 илјади денари, што претставува раст од 34 % во однос на истиот период од претходната година. Дел од вкупните инвестиции се однесува на вложувања реализирани преку поврзаното друштво АЛКАЛОИД ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ, насочени кон изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кое започна со пробна работа во јули 2026 година.

Во истиор период консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.990.429.419 денари и бележи раст од 8 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.544.111.223 денари е зголемена за 4 %.

Алкалоид планира раст на продажбите и профитот од 7 % во 2026 година

Според бизнис-планот за 2026 година, усвоен од Управниот одбор на компанијата, предвиден е раст од 7 % на консолидираните продажби и на консолидираниот профит во споредба со 2025 година. Истовремено, компанијата планира да инвестира околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и нематеријални средства.

Резултатите остварени во првите девет месеци од годинава се движат во согласност со планираната динамика, што ги потврдува очекувањата за остварување на поставените деловни цели. До крајот на годината се очекува вкупните пласмани на домашниот и на странските пазари да ги надминат минатогодишните резултати.

Инвестициите и иновациите во фокусот на понатамошниот развој

И покрај сложените глобални економски услови, АЛКАЛОИД останува посветен на долгорочниот развој преку модернизација на производствените капацитети, набавка на современа опрема и вложувања во истражување и развој.
Овие инвестиции треба да овозможат проширување на производното портфолио, поголема конкурентност и отворање нови можности за настап на меѓународните пазари.

Глобалните економски неизвесности остануваат предизвик

Инфлацијата, движењето на каматните стапки, притисокот врз куповната моќ и неизвесноста на глобалните пазари продолжуваат да влијаат врз деловното окружување.
Дополнителни ризици произлегуваат од геополитичките и безбедносните кризи, особено од нестабилноста на енергетските пазари, можните нарушувања во синџирите на снабдување и потенцијалното поскапување на суровините и материјалите.
Од компанијата посочуваат дека внимателно ги следат овие движења и преземаат мерки за ублажување на нивните потенцијални ефекти врз работењето.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ: