Во Белград се формира регионална група на производители која треба да им помогне на компаниите да станат поконкурентни, да воспостават контакти со нови купувачи и да го зголемат извозот. Во иницијативата учествуваат и Алкалоид, Комфи Ангел, Luthman Backlund Foods и ВИВАКС.

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, денеска во Белград учествува на конференција и основачки состанок за формирање на регионалната група на производители Adriatic Private Label Producer Group, чија цел е зајакнување на конкурентноста и отворање нови извозни можности преку производство за приватни трговски марки.

Настанот се организира од Adriatic Business Academy, Стопанската комора на Северна Македонија и International Private Label Consult (IPLC), а меѓу учесниците се и претставници на македонските компании Алкалоид АД Скопје, Комфи Ангел, Luthman Backlund Foods Production и ВИВАКС ДОО Скопје.

Иницијативата има цел да ги обедини производствените капацитети, искуството и потенцијалот на компаниите од регионот, и со професионално водство на искусни експерти од IPLC – меѓународната асоцијација за приватна марка (Malachy O’Connor од IPLC од Ирска), да им овозможи полесен пристап до меѓународните пазари и нови деловни партнери.


Посебна вредност на оваа иницијатива претставува поддршката од IPLC (International Private Label Consult) и нивните консултанти, кои со своето меѓународно искуство, познавање на пазарот на приватни трговски марки и контакти можат да им помогнат на производителите на приватни марки да ја унапредат својата понуда и да развијат соработка со нови купувачи.

Во рамките на основачкиот состанок, претставниците на компаниите ќе работат во тимови на воспоставување на регионалната организација и дефинирање на нејзините идни активности.

Посебен акцент ќе биде ставен на:

  • Подготовка и поддршка во преговорите со купувачите, преку подобро разбирање на нивните барања и очекувања;
  • Унапредување на понудата и претставувањето на производствените капацитети;
  • Размена на искуства и развој на соработката меѓу производителите од регионот.

Настанот претставува можност за размена на искуства, мислења и идеи, како и за разговор за потребите и развојните потенцијали на компаниите.

Стопанската комора во следниот период ќе биде силно насочена за поддршка на македонските компании за зголемување на нивните можности за извоз и преку овој бизнис модел на приватна марка. Поддршката ќе се однесува на овозможување на нивна професионална едукација и поврзување со потенцијални клиенти, добавувачи и соработници.