Fruit Atraction 2025

10 македонски компании за овошје и зеленчук по втор пат ги претставија своите производи на саемот Fruit Attraction 2025 , со цел воспоставување нови деловни партнерства, промоција и извоз на македонското овошје и зеленчук на странските пазари.

Од 30 септември до 2 октомври, Мадрид беше домаќин на Fruit Attraction 2025 – еден од водечките светски саеми за овошје и зеленчук, организиран од IFEMA MADRID и FEPEX. Со над 2.460 изложувачи од 64 земји и повеќе од 120.000 професионалци од 150 држави, овој настан е етаблиран како клучна платформа за интернационализација, иновации и развој на нови пазари во агро-прехранбениот сектор.

Учеството на 10 македонски компании на саемот беше организирано преку здружението за свежо овошје и зеленчук МАКФРЕШ со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Компаниите Витториа Фруит, Хортена, Туран, Баџо, Фреш Лајн, Ксенос, Атон Фруитс, Агро Гурмеш, Агро Кав-Комерц и Стенлеј, по втор пат ги изложија своите производи во рамки на сегментот за свежи производи (Fresh Produce Area), со цел да го промовираат македонското овошје и зеленчук пред глобалната публика и да воспостават нови деловни партнерства.

„Учеството на здружението МАКФРЕШ на Fruit Attraction во Мадрид 2025 претставува стратешки чекор кон поголема интернационализација и конкурентност на македонското овошје и зеленчук,“ истакнува тој. „Овој настан е една од најзначајните светски платформи за свежа храна, каде што се среќаваат водечките купувачи, трговци и дистрибутери од Европа и пошироко“, вели Иван Шуклев од здружението МАКФРЕШ кој за порталот Извоз ги сподели своите согледувања за значењето на овој настап.

Оваа година, Fruit Attraction се прошири со нови изложбени хали (12 и 14), овозможувајќи подобра организација и географска застапеност. Саемот беше поделен во четири тематски области: свежи производи, помошна индустрија, логистика за свежа храна, иновации и технологија, при што последната област бележи раст од 31% во однос на претходната година, што сведочи за технолошкиот напредок на секторот.

„За нашите компании, присуството во Мадрид значи директен пристап до нови пазари, создавање конкретни партнерства и договори, како и унапредување на имиџот на Македонија како сигурен и модерен снабдувач,“ додаде Шуклев.

Придобивките од учеството се веќе видливи. Здружението оствари значајни средби со купувачи од целните пазари во Европа, при што се воспоставија нови деловни контакти и се продлабочија постојните соработки.
„На долг рок, учеството придонесува за зголемување на извозот, подобрување на стандардите и технологиите во производството, јакнење на професионалните капацитети на компаниите, како и градење на препознатлив македонски бренд во европските малопродажни синџири,“ објаснува тој.

Посебно внимание заслужува моделот на здружен настап, кој се покажува како клучен фактор за успех.

„Тоа што компаниите настапуваат заеднички под знакот на МАКФРЕШ испраќа силна порака за координација, зрелост и единство на секторот. Здружениот настап овозможува поголема видливост, поефикасна промоција и создавање на доверба кај меѓународните партнери – нешто што е многу потешко да се постигне индивидуално,“ потенцира Шуклев.
„Тоа е пристап кој италијанските кооперативи го користат веќе подолг период мошне успешно и ние се стремиме да го имплементираме преку МАКФРЕШ.“

Заедничкиот настап во рамки на националниот павилјон се покажа како клучен чекор за сериозно позиционирање на С. Македонија како атрактивен извор на најквалитетно свежо овошје и зеленчук. Здружениот настап само ја потврдува потребата од координирано претставување и промоција на меѓународни настани.

Визијата на здружението е јасна: да се постави основа за долгорочен и одржлив развој на извозниот потенцијал на македонските производители. С. Македонија треба да биде препознатлива како земја на квалитет, сигурност и професионализам во секторот на свежо овошје и зеленчук.

„Сакаме да покажеме дека македонското вино не е единствениот врвен извозен производ што Македонија може да го понуди. Напротив, земјата може да биде горда и на своето произведено трпезно грозје, зелка, домат, слива, лубеница и многу други производи,“ заклучува Иван Шуклев од МАКФРЕШ.

Учеството на македонските компании беше овозможено со поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој за 2025.  Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, преку ангажирање на меѓународен консултант ги поддржа компаниите во воспоставување контакти со нови клиенти, пристап до атрактивни пазари, како и во организирање на B2B средби со потенцијални купувачи.

Следните активности на здружението ќе вклучуваат анализа на остварените контакти, подготовка за нови саеми и други промотивни настани.

Поврзана статија:

Десет македонски компании на престижниот меѓународен саем Fruit Attraction 2025 во Мадрид