Компанијата Mercedes-Benz објави дека продала 16% помалку автомобили во текот на вториот квартал годинава поради карантините поврзани со Ковид 19 во Кина и проблемот со недостиг на полупроводници што продолжија да го нарушуваат производството.
Испораките во Кина, најголемиот светски пазар на автомобили, се намалени за 25%, додека продажбата во Европа падна за 10%, а Северна Америка забележа пад од 3% во кварталот, се вели во соопштението на производителот на автомобили .
„Вложуваме максимални напори да ги исполниме очекувањата на клиентите, и покрај тековните ограничувања за снабдување“, рече Брита Сигер, шеф на маркетинг и продажба на брендот.
Продажбата на електрични возила беше светла точка со продажбата на автомобили со ознака EQ која речиси двојно се зголеми на 23.500 единици.
Во првата половина, продажбата на електрични возила од марката Mercedes се зголеми на 45.400 единици – зголемување од 134%.
Mercedes се држи до својата прогноза за 2022 година за благо зголемување на продажбата во споредба со 2021 година. И покрај загриженоста за зголемената инфлација, „побарувачката на клиентите останува висока“, рече Сигер.
Автомобилската индустрија сè уште ја чувствува болката од прекините на синџирот на снабдување и недостигот на компоненти како што се полупроводниците, особено во услови на широка транзиција кон електрични возила кои се зависни од сè пософистициран софтвер.
BMW минатата недела соопшти дека неговата продажба се намалила за речиси 20 % во вториот квартал, односно 13,1% во текот на првата половина годинава. Продажбата на електрични возила од брендот BMW во првите шест месеци пораснала за 110%.
Францускиот Renault пријави пад на продажбата од 30% во првата половина годинава, што во голем дел се должи на затворањето на производните операции во Русија заради војната во Украина. Ако се изземе влијанието на рускиот пазар, падот на продажбата на автомобили од брендот Renault во првото полугодие изнесува 12%.
За француската групација кризата со полупроводници е исто така еден од главните фактори зад падот на продажбата, но очекувањата за втората половина од годината се оптимистички со планиран раст на производството како резултат на олеснетите проблеми со снабдувањето со чипови.
Индустријата за производство на авто делови во Македонија е речиси целосно поврзана со европската автомобилска индустрија, а проблемите со кои таа се соочува се одразуваат врз намалување на нарачките за извоз и производството во земјава.
Индустријата за автомобилски делови во земјава создава над 50% од вкупниот извоз од државата и во неа се вработени над 20 илјади лица.