Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека со Обединетите Арапски Емирати се води активен дијалог помеѓу нашето и нивното министерство за постигнување два договори – договор за стратешко партнерство, кој ќе ги олесни меѓусебните инвестиции и договор за слободна трговија.
Тој во синоќешното гостување во емисијата „360 степени“ на МТВ 1, говорејќи за активностите насочени кон зајакнување на економската и политичката соработка со Обединетите Арапски Емирати, информира и дека постои сериозен интерес за инвестирање во земјава.
– Нашата цел е со Обединетите Арапски Емирати да изградиме специфично и посебно партнерство, бидејќи станува збор за држава која има реализирано успешни капитални проекти и со која, од стратешка гледна точка, делиме многу исти ставови. Со ОАЕ веќе водиме активен дијалог помеѓу нашето министерство и нивното министерство за два договори – договор за стратешко партнерство, кој ќе ги олесни меѓусебните инвестиции, и договор за слободна трговија, нагласи Муцунски.
Говорејќи за конкретните можности, министерот посочи дека интересот од страна на Обединетите Арапски Емирати е јасен и конкретен.
–Интересот е конкретен, а финансирањето може да се обезбеди од нивна страна. Портфолиото на интерес е широко. Товарот за реализација на овие проекти лежи кај нашето министерство и ние, како институција, заедно со претседателот на Владата и другите надлежни институции, работиме максимално внимателно и одговорно на овој договорен аранжман со Обединетите Арапски Емирати, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Муцунски нагласи дека Владата има јасна амбиција за подобрување на животниот стандард на граѓаните, преку привлекување странски инвестиции и поддршка на домашните компании.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Стапи во сила Договорот за слободна трговија помеѓу Србија и ОАЕ










