Новата такса за емисија на јаглероден диоксид CBAM што Европската унија ќе ја воведе од 1 јануари 2026 година ќе има директно влијание врз крајната цена на македонските извозни производи, предупредуваат од Македонската асоцијација на метална индустрија (МАМЕИ).
Според нив, македонските компании веќе активно се подготвуваат за новиот режим, но потенцираат дека за конкурентно прилагодување ќе бидат неопходни поволни зелени кредити.
Претседателката на МАМЕИ, Марта Наумовска-Грнарова, вели дека воведувањето на т.н. јаглеродна такса (Carbon Border Adjustment Mechanism – CBAM) ќе предизвика ценовен удар што неизбежно ќе се пренесе низ целиот синџир на производство и продажба.
Со новата јаглеродна давачка, македонскитеизвозници од челик, метали, алуминиум и цемент ќе мора да плаќаат дополнителна сума на пари за производите во чие производство била користена енергија која загадува. Но, проблемот за македонските компании е тоа што користат електрична енергија која 60 проценти е произведена во РЕК Битола, која користи јаглен, а 40 проценти од обновливи извори, што значи дека ќе мора да плаќаат дополнителна давачка, што ќе ја зголеми нивната крајна цена и ќе ја намали конкурентноста на македонските извозни компании.
„Цената ќе биде оптеретена и тоа е домино ефект што ќе се одрази на сите нивоа. Сепак, нашите компании веќе подолго време се подготвуваат и размислуваат како да се справат со новите обврски,“ изјави таа, додавајќи дека финансиска поддршка преку зелени кредитни линии би им помогнала на фирмите побрзо да инвестираат во поодржливо производство.
Во моментов сè уште не е познато колкава точно ќе биде давачката што ќе треба да ја плаќаат македонските извозници, особено оние во челичната, алуминиумската и цементната индустрија.
Иако беше најавено, сепак се уште не е формирано ниту тело кое ќе мери дали за одреден производ е користена „чиста“ енергија или енергија која загадува, врз основа на што треба да биде и платена таксата. Воедно, ова значи дека компаниите кои веќе инестирале во обновливи извори на енергија, ќе ја плаќаат таксата. Нејаснотии засега има и во Владата.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска најави дека следната недела во земјава ќе пристигне Артур Лорковски, директор на Секретаријатот на Европската енергетска заедница, за да се разговара за деталите околу примената на механизмот.
Божиновска појасни дека при пресметката на јаглеродниот данок, ќе се зема предвид „енергетскиот микс“ на Македонија, а не поединечните компании. „Минатата година 40% од нашето производство на електрична енергија беше од обновливи извори, што би можело да влијае позитивно врз вкупната пресметка. Сепак, конечни информации сè уште нема – очекуваме повеќе детали по средбата со претставниците на Брисел,“ изјави министерката.
Иако новата европска регулатива ќе претставува дополнителен финансиски товар за македонските извозници, таа во исто време може да биде поттик за модернизација на индустријата. Компаниите што ќе инвестираат во енергетска ефикасност и обновливи извори ќе имаат предност на европскиот пазар, каде што се очекува раст на побарувачката за „чисти“ производи.
Како што велат од МАМЕИ, предизвикот е голем, но неизбежен – македонската метална и тешка индустрија ќе мора да ја прифати зелената транзиција не само како обврска, туку како услов за опстанок и конкурентност во новата европска економија.
Оваа такса од први јануари ќе погоди околу 370 домашни компании кои имаат 80 милиони евра извоз во Европската унија, односно производите кои се поврзани со челичната, алуминиумската, цементната, за ѓубриво и за водород индустрија. Но, ЕУ најавува дека ќе ја прошири таксата и за други индустрии меѓу кои се текстилната, хемиската, за пластика и за целулоза и хартија.



























