Покрај исклучително сложените услови за работа кои ги предизвика пандемијата на Ковид 19, “Алкалоид” ја завршува годината успешно и со низа добри вести благодарение на добрата и флексибилна деловна стратегија, но пред се на посветеноста и трудот на своите вработени.

По примерот на успешните и одговорни компании во регионот и светот, менаџментот на македонската фармацевтска компанија “Алкалоид” донесе одлука на сите вработени во компанијата да им исплати линеарен надомест од 25 илјади денари во знак на благодарност за трудот и придонесот во добрите резултати постигнати во време на исклучително сложени услови на работење во време на пандемијата со Ковид 19.

“Позитивниот имиџ на компанијата во голема мера е рефлексија на организациската култура, во која грижата за вработените е на врвот на листата на приоритети”, велат од “Алкалоид” потенцирајќи дека секој производ што го носи логото на “Алкалоид” е синоним за квалитет, традиција и за вложениот труд на илјадници вработени и генерации на “алкалоидовци” кои воизминативе 85 години ги граделе компаниските вредности.

И покрај големите предизвици на логистички и организациски план кои ги наметна пандемијата во секојдневното работење, компанијата во март на своите вработени им исплатила и регрес за годишен одмор во нето-износ од 26.718 денари.

Од “Алкалоид” информираат дека годинава ја завршуваат со 209 нови вработувања, со што вкупниот број на вработени во компанијата достигна  2.371 вработен, од кои 1.832 во Северна Македонија и 539 во подружниците во странство.

Oд “Алкалоид” велат дека грижата за вработените, заедницата, за потрошувачите, акционерите и за сите иматели на удели во компанијата се цврсто втемелени во корпоративната политика на „Алкалоид“ АД Скопје, а таквите заложби ќе продолжат и во иднина.
“Годината која следува е исполнета со голем број неизвесности, но ние ќе останеме посветени на исполнување на очекувањата на пазарот и на испорачување врвен квалитет на нашите производи и услуги. Посакуваме во годината на 85. јубилеј на „Алкалоид“ АД да се радуваме заеднички на нови успеси, повисоки достигнувања и на ЗДРАВЈЕ пред сѐ! “, велат од Алкалоид.

“Алкалоид” досега има донирано над 1,2 милиони евра

Пандемијата со Ковид 19 предизвика досега невидена економска и здравствена криза и покажа колку е важно да се има домашно производство и силни компании кои можат да помогнат и во тешки времиња.
Во услови кога светските економии се борат за ублажување на ефектите од претрпените загуби, а прогнозите за 2021 година се во сенка на вирусот и на очекуваните ефекти од вакцините, “Алкалоид” е меѓу ретките компании што можеа да им помогнат на своите здравствени системи во вакви тешки времиња.

Од Алкалоид информираат дека нивните активности за општествена одговорност имале засилен интензитет годинава.

На разни основи, „Алкалоид“ АД Скопје во текот на 2020 година, преку базата во Скопје, Фондацијата „Трајче Мукаетов“, и преку дел од своите ентитети во земјата и надвор од неа, има донирано износ од приближно 1,2 милиони евра на повеќе здравствени установи, институции, здруженија и голем број поединци.

Од нив, 1.075.000 евра се донирани во Северна Македонија, а околу 125.000 евра надвор од земјата. Во согласност со намената, 352.000 евра се донирани во лекови, медицински средства, опрема и во опремување; над 210.000 евра се донации во средства за хигиена и за дезинфекција, а над 638.000 евра се финансиски средства на разни основи, од кои 141.236 евра се реализирани преку Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

Алкалоид неодамна ги пушти во употреба и новите производствени капацитети – инвестиција вредна 11 милиони евра , потенцирајќи дека и во иднина ќеќе го зади курсот на континуирано инвестирање. Во изминативе 20 години “Алкалоид” има инвестирано 200 милиони евра во раст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата.

Фармацевтската компанија Алкалоид во првите девет месеци годинава работеше со вкупни консолидирани приходи од продажба од (145 милиони евра), што е за 8% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Од нив 65% или над 94 милиони евра се остварени од извоз и продажби на странски пазари, кои се поголеми за 7% во споредба со извозот остварен истиот период минатата година.