Вкупното бруто-производство на електрична енергија во Македонија во мај 2026 година изнесувало 462.653 MWh, што е за 3,8% повеќе во споредба со истиот месец минатата година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Во структурата на домашното производство, термоцентралите учествувале со 31,7%, соларните електроцентрали со 31%, а хидроцентралите со 29,8%. Ветерните електроцентрали обезбедиле 6,8% од вкупното производство, додека остатокот отпаѓа на биогасните и другите извори.
Податоците покажуваат дека обновливите извори имаат значајно учество во домашното производство на електрична енергија, при што само соларните и хидроцентралите заедно обезбедиле повеќе од 60% од произведената електрична енергија во мај.
На годишно ниво, најголем раст е забележан кај ветерните електроцентрали – 50,6%, додека производството од хидроцентралите е зголемено за 33,2%. Производството од термоцентралите е намалено за 13,6%, а од соларните електроцентрали за 2,5%.

Истовремено, увозот на електрична енергија е намален за 19,4%, на 87.978 MWh, додека извозот е зголемен за 4,7%, на 71.028 MWh во споредба со мај минатата година.
Во однос на април 2026 година, вкупното производство е намалено за 5,3%, но извозот бележи значителен раст од 57,6%.



























