Германската компанија BMZ Battery Solutions Group, еден од водечките светски производители на системи за батерии, ќе го затвори својот производствен погон во Илинден, а производството ќе го префрли во својата фабрика во Полска.

Според соопштението од компанијата, производството ќе се префрла по фази во периодот од август до декември 2026 година, при што сите производствени активности ќе бидат преземени од BMZ Полска, која веќе работи според истите технички спецификации и стандарди за квалитет. Од компанијата посочуваат дека промената нема да влијае врз производите, сертификатите или квалитетот на испораките, а клиентите веќе се известени за транзицијата.

Затворањето на фабриката во Северна Македонија следува по целосното преземање на компанијата и формирањето на новиот ентитет BMZ Battery Solutions претходно оваа година. Како дел од реструктуирањето, BMZ Poland беше префрлен, заедно со другите меѓународни подружници, на новата холдинг компанија основана од новиот сопственик SKion.

Во последните две години има неколку случаи на странски компании кои целосно или делумно ги намалија своите активности во Македонија, а причините најчесто се поврзани со кризата во европската автомобилска индустрија.

Одлуката ќе влијае на 89 вработени во фабриката во Северна Македонија. Од BMZ информираат дека веќе започнале индивидуални разговори со засегнатите работници и најавуваат дека процесот ќе се спроведе транспарентно и одговорно. Погонот во Илинден ќе продолжи да работи до крајот на 2026 година за да се обезбеди непречено префрлање на производството.

Според податоците на Company Wall, фабриката на BMZ во Македонија минатата година остварила вкупни приходи од близу 34 милиони евра.

Првичниот договор меѓу германската компанија BMZ и Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони (ДТИРЗ) беше потпишан во септември 2023 година, кога беше најавено дека инвестицијата ќе започне како браунфилд инвестиција во постоечки производствен објект во ТИРЗ Скопје 2, со план за изградба на нова фабрика.

Во септември 2024 година официјално започна изградбата на новата фабрика во ТИРЗ Скопје, при што беше најавено дека инвестицијата ќе донесе годишен извоз од над 35 милиони евра и до 700 нови работни места.

BMZ Battery Solutions Group, со седиште во Карлштајн на Мајна, Германија, е глобален производител на батериски системи и технолошки партнер во електрификацијата и декарбонизацијата на индустрискиот сектор, со 10 производствени и развојни локации ширум светот.
БМЗ е лидер во обезбедување цел животен циклус на литиум-јонски батериски системи со примена во различни индустрии. Групацијата BMZ Holding GmbH произведува батерии за електрични мопеди, тротинети, но исто така развива литиум-јонски батерии за енергетски, медицински, индустриски и други сектори.
Има седиште во Карлштајн на Мајна, Германија, а производствени капацитети има во Германија, Кина, Полска и САД. Пoседува и претставништва за продажба во Јапонија, Велика Британија и Франција.

Уште една странска компанија ја напушта Македонија

Во последните две години има неколку случаи на странски компании кои целосно или делумно ги намалија своите активности во Македонија, а причините најчесто се поврзани со кризата во европската автомобилска индустрија.

Меѓу нив се Aptiv, американски производител на автомобилски компоненти кој лани најави дека ја затвора фабриката во Бунарџик, а производството го префрла во Полска и Португалија како дел од глобална оптимизација на производството. Dura Automotive Systems веќе веќе го прекина производството во Македонија. Според ТИРЗ, причините беа поврзани со деловните резултати и неисполнување на договорните обврски, а државата започна постапки за враќање на дел од државната помош.