Турската компанија „Џаво отомотив“ (CAVO Otomotiv) ќе инвестира 20 милиони евра во фабрика за производство на автомобилски делови во ТИРЗ Тетово, објави премиерот Христијан Мицковски на прес конференција во Владата.
Новата инвестиција се очекува да отвори речиси 500 работни места, а планот на компанијата е извозот да изнесува до 45 милиони евра годишно.
“Станува збор за браунфилд-инвестиција, која ќе почне со закуп на постоен објкект од 8.000 квадратни метри, а капацитетите ќе се прошируваат до 21.000 квадратни метри до 2028 година. До 2030 година компанијата планира да иневстира речиси 21 милион евра. Целокупното производство на контролни кабли од Турција и Словачка ќе се реализира во Тетово, што е потврда за довербата на инвеститорот во македонската економија, нашата работна сила и деловната клима”, изјави Мицкоски.
Според него, инвестицијата е потврда за атрактивноста на Македонија како дестинација за странските вложувачи, но и за довербата што тие ја имаат во македонската економија.
Компанијата CAVO Otomotiv е турска компанија формирана во 1984 година, присутна во четири земји и 250 вработени. Компанијата произведува безбедносни појаси и механизми за познати автомобилски компании.

























