Најголемата македонска прехранбена компанија „Витаминка“ во првата половина од 2026 година остварила приходи од продажба од 33,7 милиони евра (2 милијарди денари), што претставува раст од 9% во однос на истиот период минатата година, покажува неревидираниот финансиски извештај објавен на Македонската берза.

Најголем дел од продажбите, близу 20,2 милиони евра или 60% од вкупните приходи од продажбите, се реализирани на домашниот пазар, каде компанијата бележи раст од 4%. Истовремено, извозот забележал значително зголемување од 20%, достигнувајќи 13,6 милиони евра, што претставува околу 40% од вкупните приходи од продажба.

Од компанијата посочуваат дека растот е резултат на зголемената продажба на одредени производни категории, проширувањето на извозните пазари, подобрената дистрибутивна покриеност и стабилизацијата на побарувачката во услови на умерена инфлација.

Раст на добивката од 15% и покрај поскапите суровини и геополитичките ризици

Во периодот јануари – јуни 2026 година, „Витаминка“ остварила добивка по оданочување од 488 илјади евра (30 милиони денари), што е 15% повеќе во споредба со истиот период лани.

Компанијата во првите шест месеци од годината инвестирала 553 илјади евра (34 милиони денари) во модернизација на производството, зголемување на производствените капацитети, подобрување на квалитетот и намалување на оперативните трошоци.

Од „Витаминка“ информираат дека работењето во првата половина од годината се одвивало во услови на нестабилни цени на суровините и енергенсите, како и нови геополитички ризици поврзани со конфликтите на Блискиот Исток, кои дополнително ги зголемиле трошоците за производство и транспорт.

Компанијата наведува дека реализираните приходи достигнале 77% од планираното, при што како главни причини ги посочува поскапувањето на репроматеријалите, ограничената продажба кон дел од купувачите поради проблеми со ликвидноста и недоволната искористеност на новите производствени капацитети.

Фокус на извозот и новите производи во следниот период

Во втората половина од годината, „Витаминка“ очекува стабилно работење, со фокус на зголемување на извозот, подобра искористеност на новите производствени капацитети, развој на нови производи и зголемување на оперативната ефикасност. Компанијата ќе продолжи внимателно да ги следи движењата на цените на клучните суровини, особено какаото, сончогледовото масло и енергенсите, со цел навремено приспособување на деловните активности кон пазарните услови.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ

Витаминка слави 70 години – јубилеј на еден од најголемите македонски брендови и лидер во прехранбената индустрија

“Витаминка” ја стартува јубилејната 70-та година со раст на извозот од 24%

Витаминка започнува со имплементација на ESG – чекор поблиску до одржлива иднина