Volkswagen се откажува од изградба на нова фабрика во Турција заради намалената побарувачка за автомобили

Германскиот производител на автомобили Volkswagen се откажа од плановите за изградба на својата нова фабрика во Турција, како одговор на падот на побарувачката за нови автомобили што се случи како последица на пандемијата на коронавирус, јавуваат германските медиуми.

Најголемиот германски производител на автомобили планираше да почне со изградба на фабрика во Маниса на западниот брег на Турција, но се уште не беше донесена финалната одлука за инвестицијата од 1,3 милијарди евра. Во новата фабрика на VW требаше да се произведуваат брендовите Passat на VW и Superb, на Шкода.
Фабриката требаше да започне со работа во 2022 година со годишен капацитет од 300.000 единици.
На крајот на минатата година, Фолксваген официјално формираше филијала во Турција, така што инвестицијата што ја посакуваат многу земји во регионот се чинеше сигурна. Но, проектот е во мирување од минатата година, а официјалната одлука за инвестирање е продолжена неколку пати претходно.

Добро познатите марки на автомобили Fiat, Ford, Hyundai, Mercedes, Renault и Toyota веќе имаат производствени капацитети во Турција, а оваа земја е еден од најголемите извозници во автомобилската индустрија.