Американската компанија „Gentherm“ (Гентерм), која веќе поседува фабрика во ТИРЗ Прилеп, го проширува своето производство во Македонија со нова, значајна инвестиција.

Како што објави премиерот Христијан Мицкоски, инвестицијата, според деловниот план на компанијата, ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра и ќе донесе 300 нови работни места.

Станува збор за производство на високоинтегрирани системи за автомобилската индустрија — со нова технолошка опрема, автоматизирани производни линии и современи производствени капацитети. Ова значително ќе го зголеми извозот и претставува високо технолошко производство кое покажува дека сме конкурентни и на тој пазар. Со тоа, Македонија ќе стане регионален хаб на Gentherm за Европа“, изјави Мицкоски.

Според него, оваа инвестиција потврдува дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни вложувања.

Со вакви проекти се зголемува индустриското производство, се отвораат нови работни места, се засилува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд“, додаде Мицкоски.

Според рангирањето од последната едиција ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ, Гентерм е 21-ви најголем извозник од Македонија, со над 54 милиони евра извоз во 2023 година. Минатата 2024 година компанијата ја заврши со вкупни приходи од речиси 64 милиони евра, што претставува годишен раст од 17,6% споредено со претходната година.