Европската комисија верува дека Бугарија може да го усвои еврото. Земјата-членка на ЕУ ги исполнува потребните критериуми, објави Комисијата.
Бугарија планира да ја замени својата национална валута, левот со еврото на 1 јануари 2026 година.

Бугарија е членка на Европската Унија од 2007 година и би била 21-та земја што ќе ја усвои заедничката валута. Хрватска беше последната земја што се приклучи на еврозоната на 1 јануари 2023 година.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го опиша еврото како „опиплив симбол на европската сила и единство“. Благодарение на еврото, бугарската економија ќе стане посилна – со поголема трговија со партнерите од еврозоната, странски директни инвестиции, пристап до финансии, висококвалитетни работни места и реални приходи.

Бугарија е една од посиромашните земји од ЕУ и ќе продолжи да биде на дното на ЕУ во однос на бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител во 2024 година, и покрај повисоките стапки на раст отколку на други места.
Според прелиминарните податоци од Евростат, економското производство по глава на жител на Бугарија минатата година било за 34% под просекот на ЕУ.

Со воведувањето на еврото, за Бугарија како високо евроизирана земја, ќе значи целосно елиминирање на валутниот ризик за населението, фирмите, но и банките. Значително ќе се намалат ризиците за финансиската стабилноста на земјата, што ќе резултира со пониски каматни стапки, потоа ќе се намалат трансакциските трошоци за размена на валутите, што ќе го олесни и поевтини работењето со земјите од еврозоната и со светот.

Присуството на Бугарија во зоната на заедничка валута ќе го олесни и патувањето. Оние кои работат или сакаат да инвестираат повеќе нема да мора да се грижат за девизните курсеви. Туристите исто така би имале корист бидејќи, откако Бугарија ќе се приклучи на еврото, повеќе нема да мора да добиваат локална валута, што обично е поврзано со поголеми трошоци.

Воведувањето на еврото во Бугарија првично беше планирано за почетокот на 2024 година. Пристапувањето беше одложено, меѓу другото, поради релативно високата стапка на инфлација од 9,5% во тоа време, што за Комисијата беше доказ дека Бугарија не го исполнува критериумот за стабилност на цените.

Сите земји-членки на ЕУ, со исклучок на Данска, се обврзани според договорите на ЕУ да се приклучат на еврозоната веднаш штом ќе ги исполнат условите.
Освен Бугарија, Полска, Романија, Шведска, Чешка и Унгарија сè земји членки кои се уште не ја вовеле заедничката валута евро.