Црвениот крст на Град Скопје го одликувааше Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ со Оскар на хуманоста во категоријата Премиум партнер, како континуиран поддржувач на хуманата мисија која ја спроведува оваа организација во земјава веќе 8 децении.

Со особено задоволство, во рамките на манифестацијата ’Оскар на хуманоста’, му ја доделуваме наградата ’Премиум партнер’ на г. Живко Мукаетов. Неговата лична ангажираност значи поттик на индивидуално ниво, која потоа мотивира, и колективно развивање на општествената одговорност во ’Алкалоид’ АД Скопје. Како личност препознаена во заедницата во која несебично дава помош и поддршка преку повеќе програми и активности на Црвениот крст, г. Мукаетов се истакнува како позитивен пример и во својата лична, но и во професионалната агенда, па Црвениот крст го поставува на високо место не само како поддржувач на нашите активности, туку и како партнер и пријател на хуманоста“, истакнуваат од  Црвен крст на Град Скопје.

Манифестацијата „Оскар на хуманоста“ се одржа во склоп на повеќето активности посветени на одбележувањето на Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина и на Неделата на Црвениот крст (8-15 мај).

Покрај премиум Оскарот за хуманост, беа доделени и награди во неколку селектирани категории: корпоративен сектор, образовни институции, единици на локалната самоуправа и медиуми.

За нас како компанија и за мене како поединец Црвениот крст е синоним за хуманост, солидарност, човечност и поддршка. Место од каде се подава рака на секого кому му е потребна помош, отворена врата за најранливите општествени слоеви и стартна позиција на секој поединец или компанија кои сакаат да бидат општествено одговорни“, истакна Мукаетов.  

Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со Црвен крст на РСМ и со Црвен крст на Град Скопје, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно функционира Друштвото на крводарители, а само во последните година и половина „Алкалоид“ организираше три крводарителски акции, во чии рамки беа собрани повеќе од 400 единици крв. Покрај тоа, во 2013 година „Алкалоид“ помогна за реновирање и за ребрендирање на Дневниот центар за дарување крв и континуирано дава придонес во неговото тековно функционирање. Во рамките на компанијата неодамна беа спроведени и неколку масовни акции за донирање облека и храна на собирни пунктови на трите локалитети на „Алкалоид“.

На глобално ниво, Оскарот на хуманоста на Црвен крст ги акцентира заложбите за зачувување на хуманоста, како и тенденцијата да се поттикне хуманоста кај секој поединец во заедницата во која живее и дејствува. Низ симболиката на солидарните заложби му се оддава почит на основоположникот на идејата за формирање на Црвениот крст, Анри Динан, но и се упатува благодарност до 16-те милиони волонтери во 191 земја во рамките на Движењето на Црвениот крст и на Црвената полумесечина низ светот, кои го посветуваат своето драгоцено време за доброволна служба, секогаш подготвени за вклучување во локална хуманитарна акција за глобално добро.