Стопанската комора на Северна Македонија и Советот на странски инвеститори со ова соопштение уште еднаш укажуваат дека Законот за данок на солидарност се носи без соодветна консултација со бизнисот и покрај изјавите на министерот за финансии дека законот е дискутиран на повеќе јавни расправи во кои била вклучена и бизнис заедницата.
Имено, потврда за тоа дека и при јавни расправи забелешките на бизнисот не се земени предвид е и првиот допис кој беше доставен од Комората до министерот за финансии на 26.12.2022 година, со конкретни укажувања на тогаш именуваниот Предлог на Закон за дополнителен данок на добивка (подоцна преименуван во Законот за данок на солидарност), во кој посочивме дека е суштински важно да се дефинира поимот екстра профит за да не се случи да се даночат компании кои оствариле позитивни резултати на база на нивно добро работење, зголемени инвестиции, подобрена продуктивност, освојување на нови пазари и слично.
Откако во повеќе наврати, во изминатите 6 месеци, не успеавме да ја убедиме Владата на РСМ и министерот за финансии, за безпредметноста од носење на ваков закон, на 26.06.2023 година Комората преку Клубот 100 и нејзините органи (Управниот одбор, Собранието, Надзорниот одбор), а поддржани и од Советот на странски инвеститори, поднесе иницијатива за стопирање на постапката за донесување на Предлогот на Законот за данок на солидарност.
На 04.07.2023 година, Стопанската комора преку јавноста информираше дека повторно бара да се повлече и да се стопира постапката за носење на Законот за данок на солидарност, со укажување дека носењето на вакво законско решение создава несигурност кај постојните и потенцијалните инвеститори, особено ако се има предвид дека правната сигурност е еден од врвните приоритети за кои се залагаме како застапувачи на интересите на бизнис заедницата во земјата (СКСМ ги застапува компаниите кои создаваат половина од вкупниот приход во приватниот сектор, компании кои генерираат речиси половина од нето добивката во приватниот сектор и компании кои вработуваат повеќе од една третина од вработените во приватниот сектор). Воедно, на 9.7.2023 година Советот на странски инвеститори јавно упати порака за предвидливост и долгорочност наместо импровизации со носење на предложениот Законот за данок на солидарност.
Откако на сите овие укажувања не добивме писмена реакција, на 19.7.2023 година упативме повторно допис до Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, до Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и до Министерот за финансии на Република Северна Македонија во кои на еден сеопфатен начин се образложени аргументите за барањето на бизнис заедницата за запирање на постапката за донесување на предложениот Закон за данок на солидарност, по итна постапка со европско знаменце.
Согласно сето погоре кажано, јасно е дека Комората будно го следела целиот процес за ова законско решение, во повеќе наврати реагирала и до надлежните институции и преку информирање на јавноста. Затоа, Стопанската комора останува на ставот дека докрај ќе настојува, преку правните механизни кои и стојат на располагање (како последна инстанца поднесување на иницијатива пред Уставниот суд), да се спречи ставањето во функција на овој закон, кој претставува репутациски ризик за државата и ја продолжува правната несигурност која постои повеќе децении.