Со инвестиција од 1 милијарда долари, најголемиот светски производител на електрични возила BYD, има за цел да изгради фабрика со годишен производен капацитет од 150.000 автомобили во Турција
Кинескиот BYD, најголемиот светски производител на електрични возила, денеска потпиша договор со турското Министерство за индустрија и технологија за инвестирање во Турција, пишува Anadolu Agency.
Се очекува компанијата да изгради фабрика во Турција со капацитет за производство на 150.000 возила, како и центар за мобилност и истражување и развој со вкупна инвестиција од 1 милијарда, соопшти денеска турското Министерство.
Се очекува фирмата да започне со производство на крајот на 2026 година и да отвори 5.000 работни места директно во земјата.
Договорот за инвестицијата беше потпишан денеска на церемонија на која присуствуваа претседателот Реџеп Таип Ердоган, турскиот министер за индустрија и технологија Мехмет Фатих Кацир и претседателот и извршен директор на BYD, Ванг Чуанфу.
Денeска Турција, исто така, најави воведување дополнителен данок од 40% за увезените возила од Кина за да се зголеми уделот на домашното производство на турскиот пазар и да се поттикнат инвестициите.
Турција ќе стане центар
BYD е водечки светски производител на електрични возила, со околу 3 милиони единици продажба годишно.
Според турските власти, напорите на државата да донесе нови технологии и истражување и развој го истакнуваат нејзиниот потенцијал да стане не само центар за меѓународни инвестиции, туку и центар на иновации и напредна зелена технологија.
„Оваа инвестиција за производство на возила од новата генерација со висока домашна додадена вредност ќе ја зајакне нашата автомобилска индустрија“, изјави министерот Кацир.
Турција, третиот по големина производител на автомобили во Европа, ја гледа трансформацијата кон следната генерација, еколошки електрични возила како приоритетна цел во автомобилскиот сектор, кој е водечки турски извозен сектор.
Денеска исто така беше објавено дека и друг кинески производител на автомобили, SWM, аплицирал за изградба на фабрика во Турција.
Извор: Anadolu Agency