Дефицитот во буџетот во првите шест месеци годинава достигна 421 милион евра 25,95 милијарди денари), што е речиси три кратно зголемување (+269%) во споредба со првите шест месеци минатата година кога дупката во буџетот изнесувала 114 милиони евра (7 милијарди денари), покажуваат податоците за извршување на Буџетот за 2020 година што денеска ги објави Министерството за финансии.
Вкупните приходи во буџетот во периодот јануари-јуни изнесуваат 1,42 милијарди евра (87,4 милијарди денари), што е пад за 9,12% во споредба со приходите од 96,2 милијарди денари во истиот период од 2019 година.
Приходите од даноци бележат пад од 13% и изнесувале 769 милиони евра. Најголем пад има кај приходите од ДДВ од 16,5%, додека кај данокот на добивка падот е 12,12%. Кај персоналниот данок на добивка има најмал пад на собраните приходи од 2,83%.
Голем пад од 18,65% бележат и приходите од акцизи во првите шест месеци.
Вкупните расходи, пак, во буџетот за првите шест месеци годинава достигнаа 1,84 милијарди евра, и се поголеми за 9,83% во споредба со истиот период лани. Најголем дел од расходите или 74% се за разни трансфери, кои се зголемени за 14%.
Капиталните расходи во првата половина годинава изнесуваат 72 милиони евра и се помали за 16% во споредба со истиот период лани, кога изнесувале 85,8 милиони евра.
Во мај годинава Владата го ревидираше буџетот за 2020 година за да се вградат последиците од кризата со коронавирус, со кој се предвиде буџетскиот дефицит за годинава да се зголеми на 6,8% од БДП.
Дефицитот во буџетот Владата планира главно да го покрива преку задолжување со странски заеми, но и преку задолжување на домашниот пазар, преку издавање на благајнички заеми, кои ги купуваат главно домашните банки.