„Макстил“ со инвестиција вредна 9 милиони евра ќе внесе значајни промени за унапредување на производниот процес. Потпишан е договор за набавка и испорака на нова кружна странична ножица за сечење лим. Набавката на новата машина е во вредност од 6,3 милиони евра, додека целата инвестиција се очекува да достигне вредност од 9 милиона евра, соопштија од компанијата.

Набавката на новата машина, која ќе биде составен дел на погонот Валавница, за „Макстил“ ќе значи оптимизација на производниот процес и зголемување на енергетската ефикасност. Исто така, со примената на оваа нова машина преку поголема автоматизација ќе се постигне највисоко ниво на безбедност, како од аспект на собирање на отпадните челични парчиња, така и од аспект на транспорт на истите надвор од просториите на погонот Валавница, кои потоа повторно ќе бидат вклучени во производниот процес при топењето на старото железо во погонот Челичарница. Со целиот процес на примена на новата машина во целост ќе биде запазен концептот на циркуларна економија.

Договорот за набавка на новата машина беше потпишан во Милано меѓу менаџерскиот тим на „Макстил“ предводен од претседателот на ОД Димитар Цветковски, генералната директорка Марија Дуковска-Павловска и директорот за одржување при погонот Валавница, Кирил Стојановски, со менаџментот на групацијата СМС (SMS Group), водечка компанија во металната индустрија, со седиште во Германија.

Целиот овој процес на модернизација на опремата во „Макстил“ е во насока на подобрување на квалитетот на финалните производи, намалување на производните трошоци и трошоците за одржување, како и во насока на задоволување на најстрогите барања на купувачите.

Новата машина се очекува да влезе во функција во текот на вториот квартал на 2025 година.