Производителот на челик и топловалани дебели челични лимови Макстил во првата половина од 2026 година остварил приходи од продажба од 66,8 милиони евра (4,1 милијарда денари), што е 5% помалку во споредба со истиот период минатата година, покажува неревидираниот финансиски извештај на компанијата објавен на Македонската берза.

Извозот и натаму останува главен двигател на продажбите, со учество од околу 91% во вкупните приходи. Во периодот јануари – јуни приходите од извоз достигнале 60,9 милиони евра (3,74 милијарди денари), што претставува намалување од 7% во однос на истиот период лани. Истовремено, продажбите на домашниот пазар пораснале за 12%, достигнувајќи речиси 6 милиони евра (365,7 милиони денари).

Макстил во првата половина од годинава остварил нето-добивка од 215,1 милиони денари, што е 37,5% помалку во однос на првата половина од 2025 година. Од Макстил објаснуваат дека намалувањето на добивката главно се должи на тоа што во истиот период минатата година бил евидентиран приход по основ на вратен данок на солидарност, кој претходно во 2023 година бил признаен како трошок.

Под силен притисок од глобалниот пазар на челик

Од компанијата посочуваат дека глобалната челична индустрија и во првата половина од годинава работела во услови на слаба побарувачка, прекумерни производствени капацитети и силна конкуренција, особено од азиските производители. Високиот извоз на евтин челик од Кина и Индија дополнително извршил притисок врз продажните цени и профитабилноста на европските производители.

Дополнителен предизвик за компанијата претставуваат и новите тарифни квоти на Европската Унија, кои стапија во сила на 1 јули 2026 година, посебно заради фактот дека европскиот пазар традиционално учествува со 60–65% од вкупниот извоз на Макстил.

Иако мерките на ЕУ се насочени кон создавање поповолни услови за работа и зачувување на конкурентноста на европската челична индустрија, нивната примена ќе влијае врз движењата на пазарот, создавајќи дополнителни предизвици во претстојниот период. Во вакви пазарни услови, Макстил продолжува внимателно да ги следи движењата на пазарот и да го приспособува своето работење на променливите услови на побарувачка, задржувајќи ја својата позиција како значаен регионален производител на топловалани дебели лимови и сигурен партнер на своите купувачи“, информираат од Макстил.

Новите квоти на ЕУ ќе бидат главен предизвик во вториот дел од годината

Од Макстил оценуваат дека работењето во втората половина од 2026 година ќе биде значително обележано од новиот систем на тарифни квоти за увоз на челични производи во Европската Унија, кој стапи во сила на 1 јули годинава.

Компанијата посочува дека преминот од систем на заеднички кон индивидуални квоти за Македонија ќе го отежне планирањето на производството и извозот, особено ако се има предвид дека 60 до 65% од вкупните испораки традиционално се пласираат на пазарот на ЕУ. За количините што ќе ги надминат утврдените квоти ќе се применува царина од 50%, што дополнително ќе ја намали конкурентноста на македонскиот челик на европскиот пазар.

Во такви услови, Макстил најавува оптимизација на производството и продажбата, како и диверзификација на извозните пазари. Фокусот ќе биде ставен на проекти во морската бродоградба и инфраструктурата во Турција, речната бродоградба и подготовките за „ЕКСПО 2027“ во Белград, како и на диверзификација на продажбите на пазари како Велика Британија и, доколку се создадат услови, САД, со посебен фокус на проекти во бродоградбата и инфраструктурата

Компанијата најавува дека во наредниот период ќе се фокусира на производи со повисока додадена вредност, особено бродски лимови со дополнителна обработка, како што се пескарење и боење, со цел да ја подобри профитабилноста и да ја задржи ценовната конкурентност. Паралелно, ќе се бараат можности за пласман на производи кои не се опфатени со новите квотни ограничувања на ЕУ. Од Макстил очекуваат дека преку навремено приспособување на производството, флексибилно управување со продажбата и понатамошна диверзификација на извозните пазари ќе успеат да ја задржат конкурентноста и успешно да се приспособат на новите правила за увоз на челик во Европската Унија, во очекување на евентуална ревизија на мерките.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Од 1 јули стапуваат на сила новите европски мерки за челикот: Голем удар за македонскиот извоз

Новите мерки на ЕУ за увоз на челик ќе го погодат извозот на македонската челична индустрија

По ЕУ, и Велика Британија ќе ги зголеми на 50% царините за увоз на челик

Извозот на железо и челик од Македонија на најниско ниво во последните седум години

Finance Think: CBAM и енергетската транзиција стануваат клучен тест за конкурентноста на македонската индустрија