ММФ очекува малку повисок раст на глобалниот БДП, прогнозирајќи 3% раст во 2023 година
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја ревидираше својата прогноза за глобалниот економски раст за 2023 година малку нагоре, бидејќи прогнозите сега се подобри од претходно и за напредните економии и за клучните земји во развој.
ММФ во својот јулски извештај за перспективите на светската економија наведе дека очекува светскиот економски раст во 2023 година да биде 3% наспроти 2,8% како што се очекуваше во претходната проценка во април.
Исто така, се очекува дека економската активност ќе остане на исто ниво и во 2024 година, без промени во однос на претходната проценка.
„Нашата проекција за оваа година се подобрува, а инфлацијата паѓа, ова се две добри вести“, изјави за AFP главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншас, но тој додаде дека светот не е без проблеми и дека растот останува слаб, особено поради значителното забавување на активностите на напредните економии.
ММФ очекува и благо подобрување до крајот на годината кога станува збор за инфлацијата, при што се очекува таа да достигне 6,8 отсто на глобално ниво на крајот на годината, 0,2 отсто помалку од прогнозата во април. Но, и инфлацијата ќе трае подолго: на крајот на 2024 година таа сепак треба да биде околу 5,2 отсто, додека во март институцијата очекуваше да биде за 0,3 процентни поени пониска од тоа.
„Забавувањето што го гледаме во голема мера е резултат на намалувањето на цените во Кина, особено во индустријата во вториот квартал“, рече Гуринша.
ММФ инсистира на тоа дека е неопходно да се продолжи со „монетарното стегање“ за да се врати инфлацијата на целното ниво, иако тоа влијае на економијата која досега беше поотпорна од очекуваното, особено во земјите со брз развој.
Во Групата седум најразвиени либерални економии, Германија ќе биде единствената што ќе има рецесија во 2023 година. Рецесијата се чини се понеизбежна и поголема од очекуваното во април, па ММФ сега очекува пад на економската активност во Германија од 0,3 отсто во споредба со 0,1 отсто што ги очекуваше во април.
Другите големи европски економии се покажаа како поотпорни од Германија: Франција се очекува да порасне за 0,8 отсто, што е за 0,1 процентен поен повисок од април, Италија за 1,1 отсто (0,4 процентни поени повисоко), додека економијата на Шпанија покажува реални знаци на добро здравје со очекуван раст од 2,5 отсто, за еден процентен поен повисок од април.
Во САД, ММФ очекува раст од 1,8 отсто, наспроти 1,6 отсто во април.
Меѓу земјите во развој, прогнозите за раст на кинеската економија остануваат непроменети од 5,2 отсто во 2023 година и 4,5 отсто во 2024 година, и покрај стравувањата од ризик од забавување и ефектите од можна дефлација бидејќи инфлацијата во Кина во јуни беше на нула на годишно ниво.
Русија треба да очекува силна рецесија во 2023 година, се вели во првичниот извештај на ММФ објавен во октомври минатата година, но прогнозите за Русија постојано се подобруваат.
Во април ММФ прогнозираше раст од 0,7 отсто на економската активност на Русија за 2023 година, а Фондот сега предвидува раст од 1,5 отсто.