„Алкалоид“ го официјализираше отворањето на корпоративниот Музеј во рамките на својот локалитет во „Автокоманда“, кој претставува автентичен времеплов низ компаниската историја, втемелена врз многу труд, знаење, искуство и квалитет.
Генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, пред присутните рече дека овој момент е значаен за сите зашто музејот е збир на моменти и емоции на генерации луѓе што работеле во компанијата од основањето во 1936 година до денес.
“Денеска се собравме да овековечиме еден момент кој е многу значаен за сите нас, зашто станува збор збир на спомени, убави моменти, збир на емоции на генерации кои работеле во ова компанија од почетоците во 1936 година, со само 15 вработени и со производство на суровини од 350 килограми до денешната компанија која има 3.000 вработени, која продава производи во над 50 земји на светот, која е присутна на сите континенти и компанија која има производствен простор од над 80 000 квадратни метри. Многу сум среќен и горд што сме тука заедно, што можете да видите еден сегмент од историјата на компанијата низ разни периоди од 1936 година, па натаму, сè она што се случувало и како се движела компанијата, како се развивале одредени производи низ децениите. Се надевам дека овој музеј ќе биде тука да го посетат сите наши вработени, а секако и луѓе што имаат интерес да видат како ‘Алкалоид’ се развивал“, изјави Мукаетов.
Иницијалната колекција на Музејот вклучува опипливи сведоштва од скромните почетоци на компанијата, низ хронолошки, декаден след на постепениот деветдецениски раст и развој, како и на глобализацијата и модернизацијата на денешниот „Алкалоид“, бренд зад кој стојат илјадници исполнителни вработени и милиони задоволни корисници.
На површина од над 300 м², Музејот на „Алкалоид“ АД Скопје вклучува внимателно колекционирани сегменти од богатата компаниска историја и од работниот век на генерации алкалоидовци. Музејските експонати на компанијата го вклучуваат првиот филм за „Алкалоид“ од 1950 година, најстарото кутиче и оригиналното одобрение за производство на лекот „Кафетин“ од 1957 година, првите пакувања на култниот „Бекутан“ од 1978 година, историјата на Билка со брендот Good Nature од 1966 година, најстарите индустриски машини, ретроспектива на компанискиот логотип низ децениите, примероци од првите изданија на т.н. фабрички весници на „Алкалоид“ од 1971 година и друго. Колекцијата содржи и експонати од поновите производи и брендови на „Алкалоид“, како што се брендот „БлокМакс“ од 2012 година, екстензиите на „Прокулин“ од 2017 година, „Бекутан Кидс Витс“ од 2019, портфолиото на „Мулти Есенс“ од 2020, како и водечкото портфолио на цефалоспорини во компанијата.
„Овој простор содржи бројни драги спомени и значајни моменти од работниот век на генерации алкалоидовци, кои сведочат за етапниот развој на една успешна македонска приказна, која денес нови генерации ја раскажуваат надвор од македонските граници, со пласмани во над 50 земји во светот. На едно место собравме поставки од скромните почетоци во два погона, во кои 15 работници произведувале 350 кг фармацевтски суровини, до денес, кога во зенитот на деветтата деценија од нашето постоење имаме над 80.000 м2 производствени капацитети, илјадници исполнителни вработени и милиони задоволни корисници“, истакна Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
Во својата долга историја „Алкалоид“ секогаш покажувал резилиентност и брза приспособливост на промените. Во контекст на успешниот развој, клучни одлики се континуираните инвестиции, квалитетот на производите и на стручниот кадар кој управува со процесите. Основна константа за компанијата претставува вложувањето во заедницата во која дејствува, а колективната општествена одговорност е врвен императив и влог за поттик кон пошироко општествено дејствување.