На вчерашниот настан одржан во просториите на М6 Едукативен центар, беше успешно презентирана програмата “Поддршка за извоз на македонски производи во Црна Гора“. Програмата имплементирана од консултантската компанија Prime Point Partners, во партнерство со Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (IME) предвидува помош и соработка за македонски компании со цел преку консолидиран извоз и заедничка кампања успешно да ги пласираат своите производи на црногорскот пазар.
На презентацијата компаниите имаа можност да добијат информации за потенцијалот на црногорскиот пазар, како и за условите за соработка со најголемите ланци на маркети во Црна Гора.
Голем дел од македонските компании не се фокусирани на црногорскиот пазар бидејќи сметаат дека пазарот не е доволно голем. Имајќи во предвид дека во 2021 година се регистрирани 2,9 милиони ноќевања на црногорското крајбрежје, Црна Гора ја прави атрактивен пазар како за основни, така и за производи во премиум сегментот.
Дека црногорскиот пазар може да биде од огромна важност потврди и Сашко Антовски, сопственик на Extra Fungi кој ги сподели своите успеси и позитивни искуства од соработката со црногорските ланци на маркети со поддршка на тимот на PrimePoint Partners.
“Сега сме во финална фаза на склучување договори со два ланци на маркети за нашите премиум производи. Во директна соработка со локалните маркети се создадоа можности за извоз на дополнителни продукти на кои во моментов работиме и ги приспособуваме за потребите на пазарот“, истакна Сашко Антовски.
Својата целосна поддршка ја изрази и Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот кои веруваат дека ваквиот модел на национална презентација за влез на странски пазари би бил од голем бенефит за компаниите и истиот би бил подржан и успешно реплициран од страна на Агенцијата и во други земји во наредниот период.
Програмата предвидува соработка со компании кои имаат извозен потенцијал и се во можност да го ко-финансираат првичното тестирање на пазарот, како и со компании кои се веќе присутни во Црна Гора, но сакаат да го прошират извозот со дополнителен асортиман.
Компаниите учеснички во програмата ќе имаат на располагање експертска поддршка во воспоставување директен контакт со ланците на супермаркети, маркетинг, трејд маркетинг, логистика и транспорт, технологија на храна, итн.
Пријавувањата за учество во програмата се сѐ уште отворени. Доколку имате повеќе прашања или би сакале да го изразите вашиот интерес за учество, обратете се на:
tina@theprimepoint.com