Од Македонија минатата година биле извезени домати во вредност од 13,2 милиони долари, што е раст од 9% во споредба со претходната 2022 година. Извезени биле 15,7 илјади тони, што е зголемување од 9,7% во споредба со извезените количини домати во 2022 година.

Според податоците од Trademap, Македонија лани била 33 најголем извозник на домати во светот. Во регионот, Македонија е четврт најголем извозник на домати. Најголем извозник за првпат станува Албанија која лани извезла 40 илјади тони домати од кои е остварен извозен приход од 36,3 милиони долари, според што е 21 најголем извозник на домати во светот во 2023 година. Албанија е исто така земја која остварила суфицит во трговијата со домати со светот лани од 34 милиони долари, најголем од сите земји во регионот.
Втор најголем извозник на домати од регионот лани била Бугарија со извезени 17 илјади тони во вредност од 29 милиони долари.

Трета е Грција со извоз на домати од 20,9 милиони долари, четврта е Македонија со извоз од 13,2 милиони долари, следат Хрватска со извоз на домати од 13 милиони долари, Србија со извоз на домати од 5,4 милиони долари и Словенија со извоз од 3 милиони долари.

Производствотото на домати намалено за 30% во последните 13 години

Статистичките податоци покажуваат дека лани во Македонија биле произведени 116,3 илјади тони домати, што е за намалување за речиси 35 илјади тони или пад на производството од 23% за само една година.

Ова е најмало производство на домати во последните 20 години. За споредба, пред 10 години, односно во 2014 година во Македонија биле произведени 160 илјади тони домати. Ако се анализираат изминатите десетина години, најголемо произбодство на домати имало во 2015 година, над 173 илјади тони.

Но, ако се според пред 10 години кога се извезувале 30 илјади тони домати во странство, количините кои се извезуваат се двојно намалени. Од друга страна, увозот на домати е драстично зголемен. За увоз на домати плаќаме дури 300% повеќе во споредба со пред 10 години, а увезените количини се двојно зголемени.

Податоците покажуваат дека лани биле увезени 9,1 илјади тони домати за кои биле платени 5,6 милиони долари, што е најголем увоз во последните 12 години и според вредност и количински. Увозот лани е зголемен за 36% количински и 27% вредносно во споредба со претходната 2022 година.

Статистиката покажува дека најголем дел од увозот на домати или повеќе од половина е од Албанија од каде лани биле увезени домати вредни 3 милиони евра. Следи Турција од каде биле увезени домати вредни 1 милион евра.

Што се однесува до извозот на домати, најголем пазар лани била Србија, каде лани биле извезени 7,7 милиони долари, или околу 60% од вкупниот извоз. Следат Полска со извоз од 1,9 милиони долари, Бугарија со иззвоз од 1,1 милион долари, Црна Гора со извоз од 486 илјади долари, БиХ со извоз од 442 илјади евра и Украина со извоз од 438 илјади долари.

Мексико е лидер во извозот на домати

Мексико останува најголем извозник на домати со извоз вреден 3 милијарди долари минатата 2023 година. Малата Холандија е втор најголем извозник во светот со извоз од 1,9 милијарди долари. Следат Шпанија со извоз од 1,2 милијарди долари, Мароко со извоз од 1,1 милијарда долари, Франција со извоз од 795 милиои долари и Турција со извоз на домати од 535 милиони долари во 2023 година.