Фирмите наскоро ќе може да аплицираат за Ковид 4 бескаматната линија преку Развојната банка, дел од Петтиот пакет мерки, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Како што истакна издвоени се 615 милиони денари или 10 милиони евра, а фирмите ќе можат да аплицираат за кредити од 3.000 до 30.000 евра.

Предвидено е за компаниите кои ќе го зголемат бројот на вработени или прометот дел од бескаматниот кредит да им се трансормира во грант. Преку трите бескаматни линии, кои досега беа пласирани преку Развојната банка, досега се зачувани 36.800 работни места во преку 2.700 фирми, а инјектирани се 44,1 милиони евра во стопанството.

Министерот Бесими исто така информираше дека фирмите и самостојните вршители на дејност од денеска ќе можат да аплицираат за финансиска поддршка за исплата на плати за месеците февруари и март. Денеска ќе бидат објавени правилниците, согласно кои работодавачите и самостојните вршители на дејност ќе можат да достават барање до Управата за јавни приходи.

За мерката се издвоени 31 милиони евра, а барањата ќе може да ги достават до 30 април.