Производи во вредност од 47,9 милиони лева или околу 24 милиони евра извезле бугарските компании благодарение на “Лидл Бугарија ” во европската мрежа на синџирот во текот на 2020 година, пишува бугарскиот портал Investor.bg

“Лидл Бугарија” минатата година успеал да оствари над 20% раст на извозот, или за 8 милиони лева повеќе во споредба со претходната 2019 година.

Лидл е веќе девет години присутен во Бугарија и продажбата на бугарски производи низ европските мрежи се зголемува секоја година.

Колку за споредба во 2016 година преку Лидл Бугарија биле продадени бугарски производи во вредност од 6,5 милиони евра, а за последните пет години тој број е зголемен скоро за четири пати, на 24 милиони евра.

Во текот на 2020 година 38 бугарски производители извезле 153 различни производи во 24 европски држави, што покажува тенденција на зголемување на бројот на извезувани производи за над 30 повеќ во споредба со 2019 година, но и на бројот на држави во кои се извезувало.

Италија и Шпанија се новите држави, во кои се извезле бугарски стоки во 2020 година, и тоа станува збор за иновативни производи како чипс од интегрален ориз, сушени плодови со чоколадна глазура и биовафли од интегрален ориз.

Романија е на првото место во топ 5 држави во кои бугарските производи најмногу се извезуваат, над 40% од извозот. Грција ја измести за едно место подолу Германија и се најде на второто место со 4,8 милиони евра, а реализираниот извоз во Германија се со вредност од околу 2,5 милиони евра.
Србија е на четврто место како пазар за бугарските производи во 2020 година со продажби од 1,8 милиони евра, а Унгарија е на петтата позиција со продажби од 1,15 милиони евра.

Меѓу најизвезуваните бугарски производи се различни видови на леб, сурови барови, масло, путер, теста, сушени плодови со чоколадна глазура и др.

Но, ефектот на Лидл Бугарија врз бугарските производители е многу поголем ако се знае дека вкупните продажби кои тие ги реализирале во бугарската и меѓународната мрежа на Лидл во 2020 година достигнуваат близу 200 милиони евра.