Со субвенции од државата се воведуваат уште пет нови авилинии. До Скопскиот аеродром од 6 април следната година ќе се лета од Наполи и Будимпешта, а до Охридскиот аеродром од 28  јуни од Катовице, Вроцлав и Милано, објавија денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и Џозев Варади, главниот извршен директор на Виз Ер.

Николоски соопшти дека „Виз ер“ на Скопскиот аеродром  од следната година  ќе има постојана флота со шест авиони и оти прави замена на постојните Ербас А320 со Ербас А321 нео. Бројот на  200-те  вработени од држвава во авиокомпанијата се планира да се зголеми за 100.

“Тука сме да споделиме три убави вести. Првата е да објавиме пет нови авиолинии, три од охридскиот аеродром, две од скопскиот аеродром. До охридскиот аеродром ќе се лета од Катовице -Полска од 28 јуни следната година, Вроцлав исто така Полска од 28 јуни следната година, што е многу значајно за отворање на Полска како земја која е многу заинтересирана за туризам во Македонија, особено полските туристи се доста добродојдени во охридскиот регион и третата дестинација е Милано-Малпенса главниот аеродром која исто така ќе оперира од 28 јуни следната година. На тоа додаваме уште две нови линии кон скопскиот аеродром,  Наполи-Италија со почеток од 6 април следната година и Будмишта -Унгарија од 6 април следната година. Ако на ова ги додадеме претходните пет линии кои ги објавивме пред месец дена, тоа е главниот аеродром Стокхолм и Мадрид кои почнуваат од 2 ноември, потоа Келн кој што почнува на 20 декември, Бари и Прага исто така на 20 декември и Ларнака која почнува на 30 октомври, тоа се вкупно 11 нови авиолинии за само месец и половина во соработка со нашите пријатели од Визер.

Како што посочи Николоски, авиокомпанијата ќе го зголеми капацитетот за патници за околу 50 проценти од следната година и ќе понуди 3.300.000 седишта за Македонија.

Извршниот директор на Визер, Јосеф Варади истакна дека во Македонија гледаат партнер и како пазарен лидер во регионот воведуваат бенефити за граѓаните. Потенцираше дека до крај на годината ќе воведат шест летала и пониски цени, како и 3,3 милиони седишта во следната година за Македонија што ќе значи развој на туризмот и економијата. Тој додаде дека очекува дополнително да се вработуваат македонски граѓани во компанијата. 

Како што информира Николоски, субвенциите за авиокомпанијата ќе изнесуваат по девет евра по патник на доаѓање на Скопскиот аеродром и 12 евра на Охридскиот аеродром.