Руската државна компанија за гас Газпром се подготвува да ги ревидира ценовните параметри во договорот за доставување на гас за Бугарија, пишува весникот Комерсант. Имено се размислува цената на гасот да не биде врзана со цената на нафтата, туку да биде користена различна индексација поврзана со западноевропските центри на гас.
Со овие измени цената на гасот за Бугарија може да се намали и над 50%, односно до 140 долари за 1000 кубни метри гас.
Од есен годинава Бугарија ќе има пристап до гасот од Азербејџан, како и до течниот гас од светскиот пазар.
Неодамна и бугарската компанија за гас Булгаргаз најави дека очекува преговорите со Газпром да завршат до крајот на февруари и дека се надева на намалување на цената на гасот.
Со оглед дека гасот кој се користи во Македонија се увезува од Бугарија, намалувањето на цената на рускиот гас за Бугарија сигурно ќе резултира и до поевтинување на гасот кој се користи во земјава.